Средба Шахпаска- Холштајн: Германија е наш долгогодишен пријател, лојален партнер на многу полиња и голем поддржувач на евроатлансткиот пат на земјава

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, на која покрај интензивната билатерална соработка во изминативе три години која како држава се стремиме да ја продлабочуваме и во иднина, беше посочено и очекувањето на првата Меѓувладина конференција во Декември , организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ.

„Германија е наш долгогодишен пријател, лојален партнер во трговската размена, но и  голем поддржувач на евроатлансткиот пат на земјава. Наша заложба како Влада е отворање на 80% од поглавјата до крајот на мандатот односно до 2024 година,“-истакна Шахпаска.

Покрај разговорите за европската аспирација на земјава, на средбата се разговараше и на теми кои се во надлежност на министерството за труд и социјална политика, актуелните предизвици со кои се соочуваме, последиците од корона кризата, преземените економски мерки за полесно справување со неа  и идните заложби на министерството.

„Законот за заштита од дискриминација има големо значење и во однос на усогласување на нашето со европското законодавство, но и за нашите граѓани, потоа Законот против насилство на жените и заштита од друг вид на насилство и Законот за работни односи  особено во делот на пензионирање,  се актуелните Закони за кои Министерството серизно се залага , со цел наскоро да бидат дел од позитивното законодавство на нашата држава, -посочи Шахпаска.

Од страна на германската амбасадорка беше посочено дека постоењето на социјален дијалог во општеството е од особено значење , но и чувството на граѓаните дека се дел од него, преку мерки и политики кои се во нивни интерес . Двете соговорнички изразија подготвеност на продолжување на добрата соработка и негување на добрите пријателски односи и во иднина.