Маричиќ-Памер: Австрија дава силна поддршка за напредок кон ЕУ, важно е преговорите да продолжат

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер на која разговараа за текот на скрининг процесот, за уставните измени и важноста да се задржи европскиот дискурс на државата во овој момент.

Вицепремиерот Маричиќ на средбата посочи дека членството во Европската Унија е од национален интерес и дека Владата е посветена и прави напори државата да ја задржи на европскиот пат. Тој додаде дека „сме подготвени на тешки и темелни реформи за побрзо да ги достигнеме европските стандарди“ и дека за тоа помош имаме и од нашите европски партнери.

Новоименуваниот австриски амбасадор во земјава, Н.Е. Мартин Памер на средбата потврди дека Република Австрија го поддржува проширувањето на ЕУ и дека ќе продолжи да биде наш сојузник на патот кон ЕУ.

Тој изрази уверување дека уставните измени ќе успеат и укажа дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата преку преземање на конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон ЕУ, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ му посака на амбасадорот Памер успешен мандат и изрази уверување дека Северна Македонија и Австрија ќе ги зајакнуваат добрите билатерални односи и дополнително ќе ја унапредуваат соработката, особено во пристапниот процес и спроведувањето на реформската агенда.