Османи со бројни билатерални средби во Блед

Во рамки на учеството на овогодишниот Бледски стратешки форум, организиран од Министерството за надворешни работи на Словенија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари бројни билатерални средби со високи претставници на повеќе земји.

Денес Османи реализираше продуктивни средби со министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски,  државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоранс Бун, државниот секретар за европски прашања на Португалија, Тиаго Антунес, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Пич; членот на Државниот совет на Франција и поранешен советник на францускиот претседател, Александре Адам како и со европратеникот и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Актуелните состојби во земјава во контекст на интеграцијата во ЕУ и важноста од успешно завршување на процесот на уставни измени беа во фокус на разговорите. Воедно стана збор и за актуелни меѓународни теми, со посебен акцент врз регионалните и глобалните предизвици од руската агресија врз Украина.

Претходно, на агендата на Османи беше и средбата со министерот за надворешни работи на Република Кореја, Џин како и работниот појадок со шефовите на дипломатијата и специјалните претставници за Западен Балкан.