Костадиновска-Стојчевска на средба со Обуљен Коржинек: Република Хрватска е наш силен партнер во промоција на македонската култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на маргините на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз се сретна со министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек.

Во конструктивна атмосфера беше потенцирана одличната соработка во културата на билатерален и на мултилатерален план помеѓу двете држави.

Акцент беше ставен на високото ниво на соработка особено помеѓу националните комисии на УНЕСКО и заедничките проекти, како што е проектот „Образование за холокаустот и меѓукултурното разбирање во Југоисточна Европа: обновување на екс-југословенскиот павилјон во Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија.

„Продолжуваме со сите регионални иницијативи како и со силна меѓусебна поддршка на проектите на Регионалните мрежи на националните комитети на Меѓународниот совет на музеите - ИКОМ и на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС“ - истакна Костадиновска-Стојчевска.

На средбата стана збор и за иднината на регионалните иницијативи и улогата на културата во евроинтеграциските процеси. Беше истакната улогата на македонскиот КИЦ во Загреб за унапредување на меѓусебните односи во културата, и зацврстување на врските со македонската заедница во Хрватска.