Костадиновска-Стојчевска: Ја поддржуваме креативноста која носи промени и е двигател на економијата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура, институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални,  сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.

„Креативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“, рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени. 

„Според бројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори“, порача министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии, туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, за што рече дека е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија. 

Меѓу другото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните  и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на  културата, како и со  новиот предлог Закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат  дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување на нови културни дејности од областа на креативните индустрии. 

На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво. 

Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии- УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На форумот учествуваат домашни и странски учесници ( особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.