Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Денот на Бошњаците

Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница,
Дозволете ми од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви ги упатам моите искрени честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и да Ви посакам добро и празнично расположение, исполнето со многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.
Овој ден кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на Вашиот мајчин јазик како босански јазик е добра можност за да се одбележат културните специфики и вредности на бошњачката етничка заедница во Република Македонија, да потврдиме дека тие вредности за нас претставуваат богатство во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, но и да ја истакнеме цврстата определба за нивно негување, стимулирање и надградба.

Водејќи се од таквите определби, Владата на Република Македонија во континуитет превзема активни мерки за поткрепа и подобрување на состојбите во повеќе области кои се од големо значење за Вашата заедница.Таквите политики ќе продолжат и во иднина, во насока на исполнување на нашиот стремеж за силен развој и просперитет, како на поединецот и неговото семејство, така и на Бошњаците кои се составен и нераздвоен дел од македонското мултиетничко општество.

Честитајќи Ви го денешниот празник, дозволете ми уште еднаш да ги истакнам нашите заложби за понатамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството и зајакнување на институционалните можности за негување и унапредување на Вашите интереси и културни особености. Сите заедно да продолжиме со спроведувањето на реформите и модернизацијата, со придонесот за развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, промоцијата на можностите за културно и образовно напредување, чекорењето по патот на европските и евро-атлантските интеграции, и со изградбата на силна, модерна и напредна Република Македонија.
 
Нека Ви е честит големиот празник.
 
Со почит,
 
Никола ГРУЕВСКИ