Неждет Мустафа: Бројот на лажни азиланти е значително намален

Министерот без ресор Неждет Мустафа денеска во Битола учествуваше на  трибината „Стоп на злоупотребата на визната либерализација“.

Во своето обраќање, Мустафа нагласи дека бројката на лажни азиланти е значително намалена и оти тоа се должи на владините мерки и активности направени во овој период.

- Ние како Влада продолжуваме со истата динамика да им пренесеме на сите граѓани, а не само на Ромите дека квази-туристичките агенции ги залажуваат сите оние на кои им ветуваат обезбедување на некакви документи во други држави, истакна министерот Мустафа.

Тој посочи дека не смее да се дозволи на Република Македонија да и се врати визниот режим и додаде оти правилно треба да се ползува визната либерализација.

- Страшно би било доколку повторно бидат вратени визите и затоа треба да им објасниме на граѓаните дека не смеат да ја злоупотребуваат својата патна исправа и да не очекуваат добивање азил во други држави. Заминувањето на некои Роми во странство негативно се одразува и врз образованието на нивните деца и тоа мора да го запреме, посочи Мустафа.

Министерот без ресор Неждет Мустафа ја посети и битолската населба Баир и низ разговор со тамошното население ги запозна Ромите дека на владина седница биле договорени активности за поефикасно користење на народните кујни од лицата на кои им е потребна таква помош.