Министерството за здравство најавува континуирана соработка со Синдикатот

Министерството за здравство отпочнува процес на соработка со Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита со цел да се унапреди статусот и да се решаваат актуелните проблеми со кои се соочуваат здравствените работници.

Во текот на следните четири години претставници од Министерството за здравство предводени од министерот за здравство заедно со Синдикатот ќе одржуваат континуирана комуникација и ги посетат сите здравствените установи со цел изворно да се запознаат со проблемите и очекувањата на лекарите. 

- Започнуваме проект на континуирана комуникација во која на маса ќе ги отвараме сите прашања и за нив ќе разговараме. Ќе имаме отворена комуникација во која не треба да има победени и победници, туку двете страни на рамноправна основа ќе разговараат за доброто на целиот здравствен систем, истакна министерот Никола Тодоров на денешната прес-конференција на која ја најави соработката со Синдикатот.

Ваквата директна комуникација, според Тодоров, е важна затоа што ќе се соочат аргументите и ќе се постигне баланс меѓу интересите на лекарите и можноста на здравствените власти.

- Не сме постигнале успех доколку имаме задоволен пациент и деградиран здравствен работник или обратно. Тој дисбаланс е извор на постојани проблеми. Затоа одлучивме со синдикатот да организираме средби на кои ќе разговараме за проблемите и очекувања на здравствените работници, рече Тодоров.

Од Синдикатот ваквата иницијатива за соработка ја оценуваат како нов импулс во социјалниот дијалог и се надеваат дека со ваквиот пристап ќе се детектираат проблемите на здравствените работници.

- Со ваквиот пристап ќе дојдеме во ситуација на терен да детектираме одредени состојби. Свесни сме дека во овој момент здравството само по себе се наоѓа во една тешка состојба бидејќи имаме неочекувани побарувања по основ на здравствени услуги, а ограничени средства. Во една таква состојба е тешко да се воспостави нормално функционирање. Работењето на терен значи многу тешка работа, но во принцип нуди многу подобри резултати во разрешувањето на проблемите,  рече Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.