Кралев: Квотите за упис на факултетите се договораат со универзитетите, МОН не одлучува самостојно

Рапределбата на квотите за упис на факултетите ќе биде во февруари-март и, како и досега, ќе се договара со универзитетите, рече министерот за образование и наука Панче Кралев и нагласи дека МОН не одлучило да укинува или става во мирување некоја студиска програма и дека реагирањата се непотребни и на основа на шпекулација.

- Неколку пати потенцирав деновиве и уште еднаш ќе истакнам дека не станува збор за никакво затворање, на ниту едни студии во овој момент, посебно не на студиите за македонски јазик, ниту нивно ставање во мирување. Секоја преостаната дебата на оваа тема ќе биде сведена на шпекулација. МОН нема донесено никаква одлука. Квотите и распределбата на местата се случува во февруари-март и секогаш во координација со универзитетите. Како Министерство, не носиме одлуки самостојно и надвор од универзитетите, изјави Кралев по средбата со ректорите на државните  универзитети.

Домаќинот на Ректорската конференција на јавните универзитети, ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, рече дека темата е завршена и натамошни реакции се излишни.

- Секој мој коментар е одвишен зашто тоа беше толку искоментирано и за мене таа тема е завршена. Уште еднаш ја разјаснивме работата дека не станува збор за никакво мирување, ниту затворање. Она што е направено како вобичаена постапка, се правело и ќе се прави - да се види моменталната понуда и побарувачка на пазарот, да се види која струка е дефицитарна, а која суфицитарна. Тоа е еден дел од работата, а вториот дел е тоа што никогаш не се става под прашање програма која е од државен или национален интерес. Како досега, така и во иднина, квотите за сите програми при распишување конкурси ќе се координираат и договораат со ресорното Министерство. Мислам дека оваа тема треба тука да запре и дека веќе нема простор да се шпекулира дека некој ќе ја затвора особено Катедрата по македонски јазик или за македонска литература, истакна Стојковски, кој тоа им го пренел и на деканите на факултетите на УКИМ.

На новинарско прашање како, сепак, да се најде решение за некои суфицитарни професии, со оглед дека има исти студиски програми на сите државни универзитети, како и разгранети дисперзирани студии, Кралев одговори дека универизтетите и факултетите се автономни и сами се одговорни да ги приспособат и да понудат програми потребни на пазарот на трудот.

- Ние како МОН можеме само да ја поддржиме секоја нивна иницијатива, рече ресорниот министер. Идејата за разместување на некои дисперизрани студии, што ја спомна во петокот, Кралев денеска ја појасни.

- Ако одреден факултет егзистира во некое место неколку години, под претпоставка дека има продуцирано доволно кадар од таа професија во тоа место, тогаш, по барање на факултетите и по барање на универзитетот би ја разгледале можноста друг факултет да го заземе тоа место во одреден град, а факултетот кој веќе егзистирал таму да најде место можеби во друг град, рече Кралев. 

Ректорот на УКИМ Стојковски посочи дека дисперизраните студии се  ревидираат секоја година и се оценува нивната целисходност. Досега, како што рече, сите дисперзирани студии што ги отворил Скопскиот универзитет секаде целосно ги исполнуваат  очекувањата - и по бројот на пријавени студенти и по квалитетот на наставата.

- Ако има дисперзирани што не одговараат по квалитетот на матичните институции, ќе подискутираме на таа тема, но досега до нас не стигнало официјално барање од кој било факултет за затворање на некоја дисперзирана студиска група, рече Стојковски и додаде дека има декани  на факултети, како Технолошко-металуршкиот, кои до Ректорската управа барале да отворат дисперзирани студии.  

Според ректорот на Штипскиот универзитет Саша Митрев, осетливо прашање е да се размислува за скратување на некои студиски програми.

- Лесно е да се згасне некој факултет или студиска програма, тешко е пак да се обноват. Можеби не треба да имаат голем број студенти, но треба да бидат живи. На педагошките науки треба посебно внимание зашто креираат кадар кој ги учи младите генерации, рече Митрев.

Ректорот на Тетовскиот универзитет Агрон Река, пак, смета дека студиските програми треба да се распоредат меѓу универзитетите, така што оние што ги има на еден универзитет, да ги нема на друг.

- Само има една разлика - наставата на ДУТ главно е на албански јазик, рече Река. Според него, со поголема соработка на универзитетите ќе се намалат и трошоците. Како пример посочи дека лаборатории од Владата треба да има различни на секој универзитет и тие меѓусебно да ги користат, наместо секој од нив да има иста скапа опрема.  

Средбата на ректорите на државните универзитети денеска беше посветена на  можноста за финансиски олеснувања за најдобрите студенти на втор и трет циклус студии на петте државни универзитети.

- Тоа го сметаме за одлична идеја. Бараме начин заедно со универзитетите како да биде рализирана, имајќи го предвид буџетот на РМ и буџетот на универзитетите, рече министерот Панче Кралев.