Премиерот Никола Груевски и владина делегација го посетија Јохан Тарчуловски

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г. Владимир Пешевски и шефот на Канцеларијата на претседателот на Владата, г. Мартин Протоѓер, денеска ( вторник, 27.09.2011 година), на враќање од престојот во Соединетите Американски Држави, го посетија Јохан Тарчуловски во затворот Диез во СР Германија.

 
Ова е втора посета на Јохан Тарчуловски од страна на премиерот Груевски во последните четири месеци, односно прва откако Тарчуловски ја издржува казната во СР Германија. Премиерот изрази интерес за условите во кои што е сместен Јохан Тарчуловски, како и за неговата општа здравствена состојба. Тарчуловски истакна дека е во добра кондиција и се чувствува добро, дека активно ги следи и се интересира за настаните во Република Македонија, и ја искористи приликата за да испрати поздрави до македонските граѓани.

На средбата, од страна на владините претставници уште еднаш му беа пренесени големите изрази на поддршка од Владата и од македонските граѓани, при што беше изразена желбата за негово добро здравје и истрајност, со цел полесно надминување на сите предизвици со кои Тарчуловски се соочува. За време на посетата, владината делегација повторно ја нагласи заложбата дека нему и на неговото семејство Владата на Република Македонија ќе продолжи да им ја дава сета неопходна поддршка.