Груевски го посети реконструираниот Мелнички мост

Патот од Мелнички мост до Центар Жупа ќе започне да се реконструира за два месеци, најави денеска премиерот Никола Груевски при посетата на Центар Жупа.

За него ќе бидат инвестирани 1,2 милиони евра, а како што информираше министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски веќе е избран инвеститорот и наскоро ќе биде потпишан договорот.

На средбата со жителите во Долно Косоврасти премиерот Груевски од локалното население беше информиран дека има три свлечишта кои се потенцијална опасност, по што тој вети дека ќе испрати стручни екипи кои ќе го разгледаат проблемот.

Жителите од Долно Косоврасти го информираа премиерот дека имаат и проблем со водоснабдувањето, особено во летните месеци кога се враќаат печалбарите. Тие во разговорот со прмеиерот истакнаа дека има нов водовод, но оти тој се уште не е пуштен во употреба, по што министерот за транспорт и врски побара да испратат проект до Министерството за чија реализација ќе им бидат обезбедени средства и ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето во ова село.

Во рамки на денешната посета на дебарско-реканскиот крај премиерот Груевски заедно со министерот Мисајловски го посетија и селото Новак и училиштето кое е изградено со финансиска поддршка од Владата. На средбата со локалното население кое истакна дека има проблем со водоснабдувањето, премиерот Груевски го задолжи Министерството за транспорт и врски да изнајде решение, а Министерството за транспорт и врски заедно со Агенцијата за државни патишта да ги санираат дупките на патот од селото Коџаџик до селото Новак.