Меѓународен форум - Бизнис релациите со Израел можност за полесно надминување на кризата

Израел е држава од која македонските компании може многу да научат. Тоа е економија базирана на знаење, на нови технологии и постои простор за соработка.

Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на Меѓународниот бизнис форум на кој присуствуваат компании од Израел, Македонија, Албанија, Косово и БиХ. 

- Македонија е пријателска земја со Израел. Идната година не очекуваат многу предизвици во економијата и ваквата бизнис соработка меѓу компаниите е важно да се зголемува со цел овие предизвици да се надминат на што поедноставен начин, изјави Пешевски.

Тој додаде дека постои голем интерес за сорабокта и има можности за генерирање бизнис.

Според претседателот на Македонско-израелскиот бизнис клуб Дејан Дејанов се работи во секторите земјоделство, туризам, обновливи извори на енергија, медицина и фармација и информатичка технологија, но оти се очекува интензивирање на соработката. 

Во моментов се преземаат активности и одбрана е локацијата за изградба на центар за производство на семе и семенски материјал.

И тој смета дека соработката меѓу компаниите од Израел и регионот ќе дадат позитивен придонес во однос на најавените случувања од европската криза.  

Со ваков став беа и претставници од Албанија, Косово и БиХ, дека форумот ќе резултира со унапредување на соработката која ќе помогне за надминување на кризата која се очекува. - Бизнис форумот на кој се присутни на едно место и политичари и стопанственици е можност за размена на информации за начините за соработка и можност  да направиме нови  мостови на соработка, истакна претседателот на Косовската бизнис алијанса Агим Шахини.

Форумот го организираше Македонско-израелскиот бизнис клуб и Кримсон Капитал.