СОС Детското село в година со финансиска поддршка од државата

Од следната пролет Владата ќе почне да партиципира во финансирањето на СОС Детско село, кој што е одличен модел за згрижување деца без родители или деца без сопствен дом, изјави претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски по посетата на установата.

- Тука сум да ги видам децата што се овде сместени, да им посакам среќна Нова година и што е најважно да испратам сигнал до нив дека не се заборавени, дека државните власти се секогаш тука кога може да помогнат. На Влада веќе помина информација со која што до крајот на првата половина од следната година Владата ќе започне со поддршка на СОС Детско село. Тоа досега се финансираше главно од меѓународна хуманитарна организација и од локални спонзори, рече Груевски изразувајќи задоволство од одличната работа и постигнувања на вработените.

Посакувајќи им среќни празници премиерот, придружуван од министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, на штитетниците на Детското село им врачи пакетчиња и им подари ЛЦД Телевизор, ДВД и спортски реквизити.

Децата се заблагодарија со пригодна програма и посакаа за себе и за сите деца добро здравје, многу петки, нови другарчиња, мирни денови, крувчиња и јаболчиња и чинија полна верби.

СОС Детското село во Скопје годинава го прослави 10-годишниот јубилеј. Во моментов згрижува 70 деца, 14 младинци, три студента и еден постидпломец. Децата се сместени во 12 куќи за кои се грижат 12 СОС-мајки. 

Детското село е присутно во повеќе од 132 земји во светот. Овие организации постојат од 1949 година, кога првото СОС-детско село во светот било основано од Херман Гмајнер во местото Имст, Австрија. СОС-детските села ги почитуваат различните култури и религии и работат во духот на Конвенцијата за правата на детето на ОН и ги промовираат овие права низ целиот свет.