Македонија, Србија, Австрија и Унгарија потпишаа Меморандум за справување со бегалската криза
Проблемот со напливот на бегалци од воените зони на Блискиот Исток во Македонија, Србија, Унгарија и Австрија не е проблем единствено на државите низ кои мигрантите транзитираат на нивниот пат кон Западна Европа, туку е проблем на Европа во целина. Тоа е заклучокот што произлезе од денешната средба на министрите за внатрешни работи на Македонија, Србија и на Австрија, како и на заменик-секретарот за внатрешни работи на Унгарија што денеска се одржа во Охрид.
Министрите Митко Чавков, Небојша Стрефановиќ, Јохана Микл-Лаитнер и државниот секретар Кристина Берта потпишаа Меморандум за разбирање посветен за чекорите кои се неопходни за задржување на вонредниот притисок на мешана миграција која ги засега овие земји.
Како што беше истакнато пое потпишувањето на документот, проблемот не може да се реши на национално ниво, туку бара заеднички пристап во изнаоѓањето решенија за него, оттаму што ги засега не само Македонија, Австрија, Унгарија, Србија, туку сите држави на Европскиот континент.
- Недвосмислено беше подвлечено дека за глобалните миграциски прашања нема фрагментарни решенија. Овој документ претставува платформа за натамошни заеднички активности, конретизиран со заклучоци што ќе бидат исоратени до учесниците на наредниот состанок на министрите за внатрешни работи на државите од ЕУ, истакна министерот Чавков.
Неговата колешка од Австрија Микл-Лаитнер посочи на исклучителната важност решението за проблемот да се бара час поскоро, на начин како што Европа реагираше при надминувањето на финансиската криза во Грција.
- Тоа не значи решавање на проблемот веднаш, но бара вклучување на сите структури во неговото решавање, се разбира и обезбедување финансиска поддршка за негово надминување. Неопходен е интензивен заеднички пристап во справувањето со предизвикот со бегалците, особено појавите на организиран криминал што произлегуваат од обидите за нелегална трговија со луѓе. Таквите појави само го зголемуваат проблемот, така што дефинираме програми и мерки за заедничко справување со проблемот, особено со илегалната трговија со луѓе. Исправени сме пред голем предизвик, што не ги засега само партнерите од Западен Балкан, туку сите држави-членки на ЕУ, порача Микл-Лаитнер.
Министерот за внатрешни работи на Србија Стефановиќ истакна дека не може да се очекува само Србија и Македонија, ниту Грција и Унгарија да го решат проблемот, туку е потребно сеофатно европско решение независно што токму овие држави се најзасегнати.
- Европа треба да покаже кои се европските вредности и тоа не смее да се заборави при носењето какви било мерки. Србија е подготвена да продолжи да биде добар домаќин за бегалците и активно да придонесе за решавање на проблемот, но очекуваме и останатите да преземат дел од товарот, истакна Стефановиќ.
Притоа нагласи дека меморандумот е мал, но јасен чекор на патот кон изнаоѓање решение за проблемот, во насока на што побрзо преземање конкретни активности оттаму што, како што рече, доаѓа зимата и мора да се размислува како да се згрижат луѓето во далеку посложени услови од сегашните.
- Немаме многу време. Итно ни е потребно решение и тоа прашање бара од Европа што поскоро да се произнесе, порача Стефановиќ.
Државниот секретар за внатрешни работи на Унгарија Кристина Берта, истакна дека бегалската криза е сеевропски проблем што бара сеевропски одговор.
- Секоја држава членка на ЕУ и на Шенген-зоната е обврзана да реагира според соодветната регулатива. Иако не можеме да изнајдеме решение, сепак, правиме се што можеме за да ја заштитиме границата, а истовремено да им помогнеме на бегалците во рамки на меѓународните конвенции, порача таа, притоа укажувајќи на потребата од измена на европските регулативи за забрзување на процедурите за издавање дозволи за азил и системот за казнување на трговците со луѓе, рече Берта.
По однос прашањето за реадмисија на бегалците од некои земји на ЕУ, беше истакнато дека Унијата треба да најде одговор на можеби најважното прашање, а тоа е фактот што ниту Србија ниту Македонија не се членки на ЕУ, а низ нивна територија минуваат лица кои доаѓаат од држава во Шенген-зоната и заминуваат во таква држава.
- Ние ќе ги следиме правилата на Шенген и на ЕУ. Ние сакаме да преземеме дел од товарот, но не може да се очекува најголемиот дел од него да го сносат Србија и Македонија, истакна српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
На состанокот во Охрид ќе бидат разгледани и мерки за заедничка борба против трговијата со луѓе.