Груевски: Ќе започнеме со градба на нов геријатриски центар и дом за стари лица
Ќе започнеме со градба на нов геријатриски центар и дом за стари лица, рече премиерот Никола Груевски во вечерашното интервју за телевизијата Канал 5.
Посочи дека неодамна најавиле отворање нов дом за стари лица, државен дом за стари лица, за стари лица чии што пензии се ниски и недоволни да бидат примени во приватни старски домови.
- Инаку, ние многу го охрабруваме отворањето на приватни старски домови и таму даваме поволности за оние коишто ќе се одлучат да отворат приватен старски дом. Меѓутоа свесни сме дека дел од повозрасните лица имаат пензии кои не се доволно високи за да бидат прифатени во приватни домови за стари лица, истакна Груевски.
Така што, нагласи, оценивме дека е потребно за нив да се дуплира капацитетот, одредивме локација, таа се наоѓа во Гази Баба каде што во три фази, во три различни години ќе се градат по 170, значи ќе се градат три одделни згради по 170 легла во кои ќе се сместат повозрасни лица.
- Првата ќе почне во текот на следната година, значи некаде втората половина од следната година ќе почне градбата, во меѓувреме проектирање на идеен проект, основен проект и се што е потребно. Имаме најдено земјиште од 2.500 метри квадратни што е сосема доволно за три вакви објекти во Гази Баба. И следната година ја почнуваме првата фаза. Штом ја завршиме првата фаза одиме на втората и кога ќе ја завршиме втората одиме на третата и од прилика во сите три ќе има по 170, со тоа ќе се дуплира капацитетот на легла во домови за стари лица, рече Груевски.
Нагласи дека потоа паралелно продолжуваат активностите и во внатрешноста, затоа што не се ориентирани само на Скопје, туку и градинките и домовите за повозрасни лица и сите останати установи што ги прават ги прават насекаде. Таргети, појасни, ни се другите градови, поголеми градови во Македонија особено онаму каде што има недостаток и на домови за стари лица и на градинки.
- И она што е исто така најново што неодамна го договорив со министерот за здравство и со министерот за труд и социјална политика и веќе имаме политичка одлука во Владата за такво нешто, е градба на нов објект за геријатрија и за палијативна грижа за возрасни лица. Значи едно е дом за стари лица, тоа е за луѓе што се здрави, постари лица што немаат поголеми потешкотии со здравјето, може да имаат помали, но не големи потешкотии, додека друго е градба на објекти за геријатрија и за тоа има сериозен недостаток и за палијативна грижа којшто ќе биде сместен во Ѓорче Петров, а потоа размислуваме истото да го пресликаме и во други градови низ Македонија, рече Груевски.
Сето ова, истакна премиерот, се проекти коишто сега ги започнуваме што значи следуваат освен наоѓање на земјиштето за некои е најдено, за некои е во тек идејно решение, основен проект, јавен повик за изнаоѓање изведувачи за градба, па градба. Додаде дека во текот на следната година би требало голем дел од нив да започнат со градба, некаде во 2017 година значаен дел од нив да се готови, освен оние коишто се во фази и кои ќе бидат до крајот на 2017 година.