Ставрески: Очекувањата за растот на БДП е остварување на проектираниот од 3,5 проценти
Владата останува на проекцијата за растот на БДП од 3,5 проценти и покрај тоа што има повисоки остварувања БДП во првата половина од годината. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа дава солидна основа да се проектира повисок раст за целата година, но оти во последните 30-тина дена има информации за сериозни ризици во европската и светската економија кои треба да се вградат во очекувањата, бидејќи тие со временско задоцнување ќе дојдат и во Македонија.
- БДП во првата половина од годината беше над проекциите. Тоа создаде солидна основа да се проектира и за целата година економски раст кој би бил повисок од првобитно проектираните 3,5 проценти. Меѓутоа во меѓувреме, во текот на последните 30-тина дена имаме нови информации од случувањата во Европа и светот кои не се поволни, кои се загрижувачки и кои покажуваат дека ескалира должничката криза во Европа. Секако и американската економија се соочува со сериозни предизвици. Сите тие информации мора да се вградат во очекувањата за наредниот период бидејќи со извесно временско задоцнување логично е последиците од овие случувања во Европа и светот да се почувствуваат и во Македонија. Кога сето тоа ќе се земе предвид, новите ризици во европската и светската економија, сметавме дека е најсоодветно да бидеме реални, одмерени и да не проектираме повисок економски раст од оној што е иницијално предвиден од 3,5 отсто, изјави министерот и додаде дека растот ќе го испорача приватниот сектор односно ќе биде онолкав колку што ќе оствари приватниот сектор заедно со државата во делот на капиталните инвестиции.
Според министерот, очекувањата во оваа фаза се дека ќе се успее да се оствари тој раст од 3,5 проценти, но секој позитивен процент над тоа би било добро остварување. Стапката на невработеноста е идентична со онаа од првиот квартал. Ова е показател дека во Република Македонија, заради одржување позитивни стапки на економски раст, не се случи она што се случува во сите европски земји и светот, а тоа е зголемување на невработеноста.
– Во услови на вакви ризици на светската економија, успех е ако невработеноста не се зголеми, бидејќи очигледно е дека во сите земји доаѓа до затворање на фабрики, отпуштање луѓе од работа, а ние правиме се тоа да го спречиме, односно да создадеме услови македонската индустрија и македонското градежништво да имаат капитални инвестиции и фирмите да обезбедат работа во овие времиња кога европската економија се соочува со предизвици, рече Ставрески.
За најновите случувања во европската економија и влијанието врз македонската, министерот истакна дека вестите оттаму не се позитивни и оти политиките на Владата ќе бидат сочувување на макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот сектор од една страна, но од друга страна и поддршка на градежништвото и поврзаните индустрии преку повисоки капитални инвестиции.
- Македонија не може да влијае врз промените што се случуваат, но може, врз основа на сопствениот буџет и сопствените економски политики, да настојува да го поддржи сопственото стопанство во рамки на можностите, а тоа може да се прави преку политиката на повисоки капитални инвестиции, што ќе биде наша определба и во иднина, како и досега, да останеме со буџет со повисоко ниво на капитални инвестиции, што се покажа и во првата половина од годината дека на тој начин се поддржува и градежништвото и други 25 индустриски гранки. Тоа е клучот како успеавме, наспроти овие предизвици во еврозоната, да оствариме позитивен резултат во првата половина од годината, изјави Ставрески.
Во врска со информациите за објавениот државен долг, министерот истакна дека Македонија, според сите меѓународни статистики, е со ниско до умерено ниво на задолженост и во делот на државниот долг и во делот на надворешниот долг.
Тој појасни дека од квартал во квартал овие категории бележат промени во зависност што се случува во делот на приливи на нови средства, односно склучувања нови аранжмани и во делот на отплата на обврските.
Министерот додаде дека најголем дел од промените на надворешниот долг се однесуваат на приватниот сектор и на банкарскиот сектор. Во делот на државниот долг, како што рече, остануваме земја со ниско ниво на задолженост од 26 проценти од БДП заклучно со последниот податок што го имаат и тоа е најниско ниво на државен долг во регионот и едно од трите најниски во Европа, рече министерот Ставрески.
За подготовките за буџетот за наредната година тој информира, дека тие се во тек, дека во моментов се доставени барањата на буџетските корисници и дека ќе следи усогласување на барањата со можностите. Се очекува предлогот на буџет за наредната година да биде доставен до крајот на овој месец.
За проектот „Купи куќа купи стан“ министерот рече дека се одржани многу состаноци со банките и оти не било лесно да се усогласи каматната стапка, но оти во целина е задоволен од начинот на кој банките пристапиле во овој проект.
- Заеднички став со банките е дека тоа е значајно за македонската економија и за банкарскиот сектор, бидејќи на некој начин обезбедува зголемен обем на активност и за економијата и за банките, рече Ставрески.
Според него, суштината на овие нови станбени кредити е дека ќе може да се вклучат поголем број граѓани, бидејќи ќе можат да добијат кредит и луѓе со пониски приходи, а ќе се зголеми и вкупниот број барања за станбени кредити што обезбедува и работа за банките. Министерот Зоран Ставрески очекува да се вклучат над 10 банки и најголемите и средните, но и помалите кои ги исполнуваат условите