Нова современа детска градинка во Карбинци
Во селото Таринци во Општина Карбинци денеска беше отворена првата детска градинка. Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, заедно со градоначалникот на Општина Карбинци Зоран Минов и пратениците Влатко Ѓорчев, Никола Мицевски и Трајче Димков свечено ја пуштија употреба градинката во која ќе бидат згрижени 50 дечиња од општина Карбинци.
Спасов појасни дека ова е деветта отворена градинка во земјава за само 10 месеци, со што, како што рече, дополнително се создадени 550 нови места во градинките во земјава. Инвестицијата изнесува 14 милиони денари, а Министерството за труд и социјална политика инвестираше во инвентарот и целосното опремување на овој објект.
- До крајот на годината очекувам да се отворат уште четири детски градинки, со тоа да се зголеми капацитетот за дополнителни 250 места, или вкупно околу 800 места ќе имаме во новоотворените детски градинки и со тоа да ја завршиме оваа година со отворени 12 нови детски градинки, рече Спасов.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Зоран Минов вели декавеќе има интерес од страна на родителите да ги згрижат своите деца од предучилишна возраст. Капацитетот на градинката е за 50 деца, а веќе 70 родители побарале да се згрижат нивните деца во неа.
- Денеска ја отворивме ветената дестка градинка. Заедно со министерот Спасов веќе правиме напори како да се згрижат и дополнително 20 деца, бидејќи капацитетот ни е за 50 дечиња. На мое општо задоволство Општина Карбинци се осовременува и ние како локална самоуправа правиме се да не бидеме зависни од нашите соседни општини, рече Минов.
Министерот Спасов најави дека во текот на 2016 година во Штип ќе се гради нова детска градинка во населбата Сењак.