Димовски и Коњановски на средби со земјоделците во Штип и Лозово
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска организираше „Отворен ден“ со земјоделците од Штип и Лозово.
Заинтересираните граѓани од 11 до 16 часот, во просториите на подрачната единица на МЗШВ во Штип разговараа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, заменик-министерот Зоран Коњановски и со раководителите на секторите.
Министерот Димовски истакна дека „Отворените денови“, кои се организираат по четврти пат, се со цел изворно да ги слушнат проблемите на земјоделците и да им скратат од трошоците за доаѓање во Скопје.
- Земјоделците ќе ни укажат на потешкотиите и проблемите што ги имаат, а сега нашата задача е токму во истиот момент да се обидиме тој проблем да го разрешиме или да ги упатиме на решението, рече Димовски.
Тој забележа дека земјоделците реагираат во делот на субвенициите, распределбата на земјоделското земјиште, проблеми кои, како што рече, во голем дел се решаваат.
Во текот на наредниот период се планира и набавка на возила, со кои вработените од подрачните единици на Министерството за земјоделство ќе одат во одредени села на закажани термини за да им олеснат на земјоделците во поднесување одредени документации и да ги информираат за активностите на Министерството и за огласите што се распишуваат за земјоделското земјиште.
Димовски истакна дека Министерството интензивно се подготвува да се намалат последиците од сушата во земјава и тоа во оние региони кои се најпогодени.
- Во регионот на Повардарието веќе се спроведува проектот капка по капка за 4.500 хектари земјоделско земјиште, во соработка со Каеф банката, а за Брегалничкиот регион, што е интересно, е дефинитивно проширување на системот за наводнување „Брегалница“, од една страна и од друга страна интензивирање на проектот за градба на акумулација на „Оризарска река“, која ќе служи за водоснабдување, но и за наводнување на земјата, истакна Димовски.
Тој додаде дека и во останатите региони веќе се создаваат услови за изградба или проширување на акумулациите, бидејќи во наредните пет години водата навистина ќе биде потребна и за земјоделските култури.
Проектот „Земјоделски задруги“ на Министерството почнува по Нова година, најави заменик министерот Коњановски.
Тој забележа дека окрупнувањето на земјоделското производство ќе се реализира од наредната година, а стратегијата за зголемување на земјоделското земјиште ќе трае во наредните девет години.
- Сериозно работиме на зголемување на земјоделското производство. Во овој период имаме и ангажирано стручни лица, професори од Земјоделскиот факултет со цел да направиме еден проект, кој ќе биде успешен и ќе биде за добробит за земјоделците. Со тој пакет планирано е да се формираат земјоделски задруги, каде што секој поединечно со својот имот би влегол во таа земјоделска задруга, но би имал неприкосновено право на сопствениот имот и би се здружиле земјоделците само заради економскиот интерес, рече Коњановски.
Тој истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ги поддржува земјоделските задруги во првите пет години.
- Во првата година менаџерот на задругата ќе го плаќаме 100 отсто, втората година 80 и наредните години скалесто се намалува. Исто така во одредени задруги ќе вработуваме или агроном или ветеринар, во зависност од типот на здругата, рече Коњановски.
Тој додаде дека за земјоделците кои ќе се здружат во задруги ќе има и други поволности во делот на враќање на дел од средства за наводнување и осигурување на имотот.
Според Коњановски, проектот „Земјоделски задруги“ ќе се реализира од наредната година, бидејќи средства се предвидени во буџетот во Програмата за рурален развој.