Во Струга советување за предизвиците со кои се соочуваат локалните власти при примената на неколку закони од областа на урбанизмот и комуналните дејности
Околу триста градоначалници, претставници на општински одделенија за урбанизам и комунални дејности од целата држава, заедно со претставници на Министерството за транспорт и врски учествуваат во работата на дводневното теметско советување во Струга, посветено на законот за третман на бесправно изградени објекти, законот за градежно земјиште, електронско добивање градежни дозволи и измените на законот за комунални дејности.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека најголем дел од дискусиите на советувањето што се одржува во организација на ресорното Министерство и на ЗЕЛС се однесуваат на постапувањето согласно законот за нелегално изградени објекти.
- Има голем број конкретни прашања, бидејќи сега општините почнаа со решавање на предметите, има над десет илјади легализирани објекти и има отворени прашања. Најголем дел од прашањата се одговорени тука, а договоривме останатите забелешки да ги добиеме во писмена форма, врз кои Министерството кон крајот на јануари идната година ќе изготви мали измени на законската регулатива за олеснување на легализацијата на диво изградените објекти и промена во подзаконските акти, за Македонија еднаш засекогаш да се затвори процесот на легализација, рече министерот Јанакиески.
Тој истакна дека овие работилници се добра практика што ги организира Министерството за транспорт и врски оттаму што токму општините се субјектите што ги спроведуваат законите што ги носи Владата односно Собранието.
Јанакиески повтори дека по донесувањето на законите нема да биде дозволено легализирање односно нема да се дозволува изградба на нови дивогради, и дека голем број општини веќе постапуваат по такви предмети односно се уриваат такви објекти.
Градоначалникот на Кичево Благоја Деспотоски во ова прилика истакна дека при спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти општините се соочиле со одредени технички проблеми што не се предвидени во законските акти.
Тој изрази благодарност што ЗЕЛС и Министерството организираат вакво советување, на кое локалните самоуправи можат да изнесат конкретни забелешки, за да се изменат деловите од законот и од правилникот и потоа да може да се постапува по одредени случаи што не се опфатени со законската рамка, а ги има во реалноста.
Инаку, меѓу темите на дискусија на средбата ќе биде и новиот концепт на Предлог–законот за регистар на подземни објекти и инфраструктура, а присутните ќе имаат можност да се советуваат и за одредени отворени прашања од спроведувањето на Законот за градежно земјиште. Со цел подобрување на инвестициите во општините, што е една од приоритетните заложби во овој период на секоја општина, учесниците на советувањето ќе разговараат за иницијативите за утврдување на локации за изградба на објекти за индивидуално домување и лесна индустрија, за откупно-дистрибутивните центри за земјоделски производи, како и за функционирањето на технолошко-индустриските зони во општините.