Груевски: Акциите „Бришач“ и „Калдрма“ потврда за неселективноста во справувањето со криминалот и корупцијата
Акциите „Бришач“ и „Калдрма“ се потврда за неселективна и цврста борба против криминалот и корупцијата на Владата и Министерството за внатрешни работи, изјави премиерот Никола Груевски.
Тој, по пуштањето во употреба на патот Зеленикот - Ново село, во општина Зелениково, подвлече дека станува збор за долго планирани и подготвувани акции, повеќе од една година од страна на МВР, за да се обезбедат цврсти докази кои ќе бидат несоборливи во судската постапка.
Според него, МВР е добро обучено за справување со ваков вид организиран криминал. Има развиено добри капацитети во последните неколку години и очекува и во иднина да продолжи со вакви акции.
- Сакам да нагласам дека Македонија е една од земјите што имаат огромен успех не само во истражувањето и казнувањето на криминалот воопшто, туку и во наоѓањето на криминалот во сопствените редови. Македонија е земја која што предничи во делот на изнаоѓање и докажување на криминалот, односно злоупотребата на службена позиција кај членови на МВР, полицајци и др. Во овој дел сме пример не само во регионот, туку и многу пошироко. Ретко во Европа можете да најдете земја која што во неколку наврати направила такви акции коишто ги направивме ние во делот на злоупотребите коишто ги прават внатре одредени поединци од МВР. Ова е дел и од она што го имаме ветено на изборите пред граѓаните, дека ќе имаме неселективна и цврста борба против криминалот и корупцијата, рече премиерот Груевски.
Тој е дециден дека секаде каде што ќе се обезбедат докази независно на етничка, национална или верска припадност ќе се делува подеднакво.
- Во овие две акции имаше и Македонци и Албанци, имаше и од сите други националности. Така што секаде каде што ќе се обезбедат докази ќе се продолжи со цврста и непоколеблива борба против криминалот и корупцијата, порача претседателот на Владата.