Отворен реновираниот Народен театар во Гевгелија
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска синоќа го отвори реновираниот Народен театар во Гевгелија. Претходно, во паркот пред влезот на гевгелиската театарска зграда директорот и актерите на Македонскиот народен театар засадија три дрвца со цел уметноста во овој објект да се развива и живее столетно, како крошните на новонасадените дрвја.
Министерката Канческа - Милевска се заблагодари за поддршката од Канцеларијата на ЕУ за одобрувањето грант од 514 илјади евра кои, како што рече, се искористија заедно со средствата од локалната самоуправа за повторно оживување на овој 15-години нефункционален објект од опожарувањето во 2006 година.
- Гевгелија, како порта на Европа заслужува да има модерна театарска зграда, со современа, нова, сценска технологија и механика, вклучувајќи опрема за електро, климатски, звучни и светлосни перформанси, неопходни за една сценска изведба, било театарска или концертни гостувања, нагласи Канческа - Милевска.
Со проектот „Гевгелија – град на културата за 2011“ и со изведените културни активности, Канческа - Милевска изрази уверување дека со ваква динамика на културни поставки и гостувања градот доживеал културна и туристичка преродба, ги надминал интересите на општината и станал пожелна дестинација за многубројни посети и гостувања.
На сцената на реновораниот театар во Гевгелија предвидено е во иднина да се претстават продукциите на сите театри од Македонија. Првото гостување го реализира МНТ со претставата „Свадбата на Фигаро“, а во рамки на двегодишниот договор за соработка такви гостувања ќе следуваат и во иднина.