Премиерот Никола Груевски оствари средба со претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ
С О О П Ш Т Е Н И Е
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 16 декември 2011 година) оствари средба со претседателот на Република Србија, г-дин Борис Тадиќ.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од доменот на билатералните односи, кои што се карактеризираат со пријателство и соработка на повеќе полиња од взаемен интерес, како и за теми од регионален аспект, и беше изразено задоволството од интересот за интензивирање на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји на сите нивоа.
На средбата премиерот Груевски истакна дека од особено значење е нагласениот интерес и заложбите за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија, потврдени со актуелното отворање на Претставништво на Стопанската Комора на Србија во Македонија, активностите на неодамна формираната Македонска Бизнис Асоцијација во Србија, како и организирањето на денешниот бизнис форум од страна на двете комори, при што посочи дека постојат и други можности кои што треба да се искористат за унапредување на севкупните економски односи.
Покрај за економските и трговските односи на средбата стана збор и за други можности за унапредување на взаемната соработка, особено во доменот на транспортот и врските, инфраструктурата, енергетиката, земјоделството и културата.
Двајцата соговорници изразија задоволство и од постигнатите резултати на планот на пограничната соработка и во овој контекст беше поздравено свеченото отворање на заедничкиот граничен премин за локален граничен сообраќај Голема Црцорија - Голеш, потоа спогодбата за преминувањето на границата со биометриски лични карти, како и договорот меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји за изведување на мешани патроли долж заедничките граници.
Премиерот Груевски го информираше својот соговорник за деталите поврзани со процесот на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија и во тој контекст ги поздрави евроинтегративните амбиции на Република Србија, како и добиената препорака од Европската комисија за добивање статус на земја кандидат за членка на ЕУ. Притоа, премиерот Груевски ја изрази подготвеноста, на пројавен интерес на Република Србија, за пренесување на македонските искуства од процесот на пристапување во ЕУ, особено во однос на спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, активностите во контекст на стекнувањето кандидатскиот статус, како и подготовките за почеток на пристапни преговори.
На средбата беше заклучено дека севкупните односи помеѓу Република Македонија и Република Србија треба да продолжат да се унапредуваат во наредниот период, при што беше акцентирана заедничката посветеност на двете земји за остварувањето на аспирациите за полноправно членство во Европската унија и обезбедување на услови за просперитет на целокупниот регион.