Попоски на неформален министерски состанок во Братислава

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ , кој се одржа вчера и денеска во Братислава.

Дискусиите на состанокот, како што соопшти МНР, биле посветени пред се на борбата против тероризмот и радикализацијата како и на поефикасното справување со предизвиците од мигрантската криза.

- Заедничката борба против тероризмот би дала многу подобри резултати ако се случува преку интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, истакнал меѓу другото министерот Попоски.

Воедно, ја подвлекол улогата на Република Македонија за стабилноста на регионот.

- Впечаток од состанокот е дека после подолго време, значаен дел од членките на ЕУ гледаат на балканските земји како на клуч за стабилност во Европа. Испративме заедничка порака од четирите кандидати дека на нашето членство не би требало да се гледа како на хоби или извор на проблеми, туку како на рецепт за обезбедување долгорочен мир во регионот, констатирал Попоски по состанокот.

За прв пат на состаноците од овој формат, земјите кандидати од регионот, Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија настапиле заеднички и била презентирана заедничка позиција во однос на главните теми на дискусија. Министерот Попоски заклучил дека нашата регионална соработка со другите кандидати на повеќе теми, прераснува во вистинско партнерство.

Во контекст на мигрантската криза било изнесено дека земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат идентични интереси. Било подвлечено дека ризиците се исти и дека поради тоа, заедничко треба да биде и дејствувањето во справувањето со истите.

За време на состанокот Попоски остварил билатерални средби со министрите за надворешни работи на Унгарија, Австрија и Германија, како и со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан и министерот за надворешни работи на Словачка Република Мирослав Лајчак.