Почнува реализацијата на инвестицијата на „Кромберг и Шуберт“- ќе се вработат над 2.000 лица

Инвестицијата од 20 милиони евра на германската компанија „Кромберг и Шуберт“ формално почна да се реализира. Договорот се потпиша денеска во Владата, а финишот на инвестицијата се очекува во третиот квартал од наредната година кога треба да почне производството на новата фабрика во индустриската зона Жабени во Битола каде ќе бидат вработени на почетокот 400 лица, бројка која во првите пет години ќе достигне до 2.000.

Договорот го потпишаа министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и претставниците на германската компанија Волфганг Тупи и Сами Загуани.

Фабриката во Жабени ќе изработува кабелски инсталации за автомобилски производители во Европа како што се „фолксваген“, BMW, „ауди“ и „мерцедес“.

За германската компанија одлучувачко да инвестира во Македонија била квалитетната работна сила и конкурентските услови, рече претставникот од компанијата Тупи.

- Најважно прашање за секоја инвестиција е обучена работна сила која е на располагање и ова беше најрелевантно, истакна Тупи.

Според премиерот Груевски, најважно од оваа инвестиција и она што радува се новите работни места која бројка е околу 2.000 директни вработувања, но почетокот на работењето на фабриката во Битола ќе отвори и индиректни работни места како што се во транспортот, логистиката, сервисирање и други потреби кои компанијата ќе ги користи.

- Директно и индиректно се очекува отворање на значителна бројка нови работни  места што е од огромно значење за Битола и целиот Пелагониски регион и претставува значаен чекор во решавање на тешкиот предизвик на недоволната вработеност кај граѓаните во овој дел од државата. За мене како премиер на државата нема подобар момент од вакви моменти  кога се отвораат нови работни места, рече премиерот Груевски по потпишувањето на Договорот, кој, како што истакна, покажува дека во Македонија продолжува инвестицискиот циклус.  

Според него, овие вработувања се нови извори на приходи за многу семејства и многу млади луѓе и можности за подобрување на стандардот на граѓаните. Владата, рече, ќе продолжи и натаму да биде фокусирана на ова поле. Секое ново отворено работно место е значајно и за секое отворено ново работно место вложуваме максимум од нашите потенцијали.

Покрај отворањето на работните места, истакна Груевски, позитивно од реализацијата на оваа инвестиција е и подобрувањето на трговскиот биланс за 20 милиони евра, како и зголемување на бруто домашниот производ преку додадената вредност за Македонија која во првите шест години се очекува да изнесува околу 140 милиони евра.

Изрази верување дека со посветената работа на Владата, германската компанија во индустриската зона во Битола ќе добијат соседи, други компании кои планираат да отворат свои капацитети што ќе значи нови работни места во оваа индустриска зона.

- Македонија со посветена работа и во актуелниве сложени услови на економски предизвици во Европа со мерките и политиките што ги презедовме во изминатите неколку години постепено успеа да ја зајакне својата конкуретност до ниво на препознатливост како атрактивна инвестициска дестинација. За тоа најдобра потврда се веќе реализирани проекти и тековните инвестиции како и интересот и најавите што ги добиваме од потенцијални глобални инвестиции за доскорешно почнување нивни проекти во Македонија, истакна премиерот Груевски и додаде дека овој пристап на континуирани реформи во многу области, како и резултатите од нив даваат за право да веруваат дека успешно ќе се справат и со новите надворешни економски предизвици кои доаѓаат од еврозоната.   

Самак потенцира дека ова е најголема гринфилд инвестиција во Македонија по бројот на вработувањата.

- На компанијата обезбедивме поддршка во рамки на законите што ги имаме,  пакет на бенефиции не многу различен од она што се даваат во слободните индустриски зони, со цел да се обезбеди токму тие 2.000 работни места да бидат  во Македонија, а не во друга земја, рече Самак.

Тој додаде дека инвестицијата е резултат на петгодишни разговори, средби, анализи, дискусии, пресметки, ветувања, одлагања и да се дојде денес до потпишување на договор.

- Со оваа фабрика вртиме нова страница во историјата на Битола и Прилеп и ја ставаме лошата транзиција зад нас. Гледајќи со неа на една нова и подобра иднина за овој регион, истакна Самак.

За вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски реализацијата на оваа инвестиција е потврда дека Македонија е земја која има што да понуди и дека знае како да понуди.

- Стратегијата на Владата за привлекување странски инвестиции дава резултатити и ние ќе продолжиме со она што го правиме досега со уште поголем интензитет имајќи ги предвид состојбата во која се наоѓаме. Ќе продолжиме и со роуд шоата и со промоција на државата и со интензивни разговори со компании, бидејќи гледаме дека и во вакви времиња има компании кои бараат алтернативни дестинации за инвестирање, рече Пешевски.

„Кромберг и Шуберт“ е германска семејна фирма во индустријата на автомобилски добавувачи која има успешна историја повеќе од еден век. Има над 20 фабрики во светот со 25.000 вработи. Главен пазар е Европа, но се присутни и во Северна и Јужна Америка и Африка. Фирмата развива и произведува високо технолошки производи, како кабли, кабловски инсталации, пластична технологија и мехатроника. Со искуство и компетентност, фирмата е заснована како важен партнер на автомобилската индустрија.