Премиерот Зоран Заев за Н1 телевизија: Република Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, за време на посетата на Босна и Херцеговина беше поканет на ексклузивно и опширно интервју за регионалната телевизија Н1. Првото прашање на новинарот Борис Брезо се однесуваше на посткризната ситуација во Република Македонија. Тој го замоли премиерот Заев да даде оценка каква е ситуацијата сега и дали постои можност кризата да се повтори.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев, нагласи дека сите во државата извлекоа поука од политичката криза и дека сите чекори што беа преземени, или се преземаат, се во насока таа никогаш да не се повтори.

„Тргнавме напред за да обезбедиме подобар живот за сите граѓани. Вие сте телевизија што го покрива целиот овој мултиетнички регион и вие самите известувавте за настаните кај нас. Овие лузни на моето лице се затоа што еден Македонец се бореше за унапредување на правата на помалите етнички заедници, за доброто на мултиетничка Македонија“, изјави Заев за Н1.

Премиерот Заев за ТВ Н1 соопшти дека со Претседателот на Србија Александар Вучиќ, ги разрешиле сите дилемите кои се појавија во јавноста после неговата изјава дека „има опасност македонското сценарио да се прошири и во Србија“, како и за прашањето на присуството на поранешниот службеник на српските безбедносни служби во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април оваа година.

„Србија немаше влијание на настаните во Македонија, ниту лоши намери. И таму многу добро знаеја дека Македонија беше блокирана, без функционални иснтитуции. Затоа граѓаните одлучија дека е време за промени. На вечерата на Самитот за Западе Балкан се сретнавме со Претседателот Вучиќ, си подадовме рака и решивме да продолжиме напред. Се договривме да го направиме тоа што го сакаат нашите граѓани – да отвориме нови перспективи и за Србија и за Македонија“, потенцираше премиерот Заев во интервјуто.

Во овој дел на интервјуто, претседателот на македонската влада се задржа на поентите договорени во Трст, на Самитот за Западен Балкан. Доколку се оствари договореното во Трст, ќе им покажеме на Брисел и на ЕУ, дека регионот може да решава важни прашања од заеднички интерес. 

„Во Трст расчистивме со Брисел: Унапредување на регионалната соработка не е замена за членството во ЕУ и НАТО. Тука нема дилеми. Сепак, сите западни земји повеќе ќе не почитуваат ако има покажеме дека соработуваме и дека можеме заеднички да ги освојуваме западноевропските пазари и ќе имаме заеднички пристап до пристапните фондови на ЕУ“, поентираше премиерот Заев.

Посебно внимание во интервјуто му беше посветено на прашањето на паток на Република Македонија со НАТО и на прашањето за проблемот со Република Грција.

„Владата што ја предводам е одлучна да ги реши сите отворени спорови со нашите соседи. Сега имаме одлични односи со Бугарија и Албанија, како и со Србија и Косово. 

Имаме и со Грција. Со Грција разговараме за тоа дека и тие ќе имаат придобивки од тоа што Република Македонија ќе стане членка на НАТО“, одговори Зоран Заев.

Тој додаде дека ја смета за реалност изјавата дека Република Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО и дека отворената понуда на алијансата ќе го поттикне рашевањето на отвореното прашање со Грција.

Премиерот Заев подробно го елаборираше и неговиот став дека на мултикултурните општества како што се Република Македонија и Република Босна и Херцеговина, како и другите земји во регионот, треба да се гледа како на предност во духот на основниот принцип на ЕУ – единство во различностите.

„Треба да бидеме паметни и да го искористиме тоа“, истакна премиерот Заев за Н1 телевизија.

Водителот на интервјуто посебно се задржа на актуелните истраги во Република Македонија кои се однесуваат на сериозни злоупотреби на врвни личности од поранешната владеачка партија и запраша дали се можни и нивни притвори.

„Тоа не е моја работа. Мораме да создадеме услови обвинителството и судиите независно да работат. Ако постојат докази, секој мора да одговара. Ако постои опасност осомничените да влијаат на сведоци, мора да бидат притворени. Сите се еднакви пред законот и секој мора да одговара доколку се докаже неговата вина“, објасни претседателот на Владата на Република Македонија.

Во завршницата на интервјуто за телевизијата Н1, премиерот Заев беше запрашан за претстојните локални избори. Тој соопшти дека тие се најавени, дека наскоро ќе бидат распишани, и дека ветува дека владата ќе обезбеди услови за фер и демократски избори. 


Оригинален извор