Министерот Поповски на средба со амбасадорката на Република Хрватска Баришиќ: Имаме политичка волја и медиумските реформи ќе ги спроведеме на најтранспарентен начин во соработка со медиумските професионалци

 

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, денеска оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска во Скопје, Данијела Баришиќ.

Најзината екселенција, амбасадорката Баришиќ на средбата ја изрази личната импресионираност и ги пренесе честитките на Владата на Република Хрватска за успешно спроведените локални избори во Република Македонија. Амбасадорката Баришиќ истакна дека за секоја пофалба е реализацијата на декларираните принципи за транспарентно и отчетно работење на Владата, како и за отворената и транспарентна комуникација со јавноста и медиумите.

Посебен интерес амбасадорката Баришиќ покажа и за спроведувањето на Планот 3-6-9, како план за забрзување на процесите на евроинтеграциските на Република Македонија, кои Република Македонија сесрдно ги поддржува.

Министерот Поповски се заблагодари за честитките за успешното спроведување на изборите и истакна дека граѓаните на Република Македонија за прв пат по подолго време добија можност да го остварат своето право на глас во услови кои гарантираа слободен израз на уставно загаринтираното право на глас, без страв и без притисок.

Тоа е основниот услов кој и дава легитимитет на било која освоена власт, без разлика дали е за парламентарни или за локални избори, истакна министерот Поповски на средбата со хрватската амбасадорка Баришиќ.

Во однос на транспарентноста на работењето на Владата, министерот Поповски истакна дека е многу важно што оваа практика е реално препознаена и прифатена од граѓаните, јавноста и медиумите.

- Ние треба да работиме чесно и транспарентно, а јавноста и медиумите треба да бидат коректив на нашето работење. Тоа не може да се остварува ако не сме транспарентни и отчетни во нашата работа, нагласи министерот Поповски.
Амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ, на средбата покажа интерес за реализацијата на реформите во медиумската сфера.

Министерот Поповски го пренесе мислењето и оценките на меѓународните набљудувачи на изборите кои пренесоа дека, со одредени исклучоци, медиумите во Република Македонија за време на изборите известуваа избалансирано, и дека тоа е состојба која е утврдена во контиунитет и  пред изборите.

Владата на РМ, истакна министерот Поповски, уште на стартот на своето работење како една од определбите во Планот 3-6-9, донесе изјава со која го охрабри работењето на медиумите според професионалните стандарди, според принципите утврдени во новинарските етички кодекси и според стандардите на самоорегулаторните тела во кои се организираат медиумите.

- Тоа е нашиот придонес во независното работење на медиумите. Стандардите за работење се во етичките кодекси за кои новинарите и медиумите сами се договориле. Ние нема да правиме никакви интервенции таму, освен да обезбедиме услови за работење во фер амбиент за сите, истакна министерот Поповски.

Поповски во продолжение детално ја информираше амбасадорката Баришиќ за процесот за реформите и за работата на телата кои ги финишираат измените на законската регулатива во оваа сфера. Особено внимание во овој дел се посветува на законските измени кои се однесуваат на Македонската радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, и тие ќе се однесуваат на прашањата кои се утврдени како проблематични од широката јавна дебата во која учествуваа професионалците од овие институции, експертите од граѓанските организации што работат на медиумските теми, како и според сугестиите на експертите од меѓународната експертска јавност.

- Имаме политичка волја и стручна подготвеност да ги спроведеме медиумските реформи и да подобриме условите за работење на медиумите на најтранспарентен начин во соработка со медиумските професионалци, истакна министерот без ресор Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија.