Стручните служби во училиштата се обучуваат за примена на Програмата за советување родители на ученици

За психолозите и педагозите од основните и средните училишта во Македонија од денеска до петок двапати дневно на Филозофскиот факултет ќе има презентации на  Програмата за советување родители на учениците со  проблеми во учењето или поведението. Советувањето е законска обврска од второто полугодие на оваа учебна година за родители чии деца нередовно посетуват настава, имаат слаб успех во учењето и/или манифестираат разни форми на несоодветно однесување.

Програмата ја изработи Институтот за психологија, во соработка со институтите за педагогија и социологија. На првата обука на стручните училишни служби присуствуваше министерот за образование и наука Панче Кралев. 

- Идејата е да се одржат 11 презентации за обука на психолозите и педагозите во училиштата во Македонија за тоа како да ја имплементираат Програмата за советување на родителите... Се надеваме дека обуките ќе им овозможат полесно да им пристапуваат на учениците и се надеваме дека тоа ќе биде нивниот краен ефект. МОН веќе најави дека оваа година ќе бидат вработени 14 психолози или педагози во училиштата каде што нема такви стручни служби, а до крајот на 2013 планирано е да бидат доекипирани сите стручни служби во основните и средните училишта, изјави министерот Кралев.

Михаил Поповски, еден од авторите на Програмата за советување родители, истакна дека динамиката на средби со родителите ќе зависи од однесувањето и успехот на нивните деца. Родителите/старателите ќе бидат повикувани ако децата им имаат 10 неоправдани или 100 оправдани изостаноци или три негативни оценки во тримесечен период. Советувањето ќе биде во групи, но не поголеми од 20 родители кои  ќе бидат навреме известувани. За несоодветно или асоцијално однесување на учениците, повукувањето на родителите ќе се врши во координација со Педагошката служба.

- Програмата е осмислена така што на стандардизиран и единствен начин да се применува во сите основни и средни училишта во цела Македонија. Има форма на протоколи  како да се постапува во конкретен случај и постапувањето да биде еднозначно, а не резултат на слободната волја на стручните соработници, рече Поповски.

Програмите за советување родители на ученици во основно и во средно се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука (www.mon.gov.mk), заедно со правилникот за формата и содржината на поканата што ќе ја добиваат родителите на деца со проблеми, по која законски се обврзани да дојдат на советување.

Групирањето на родителите ќе биде според сличноста на проблемите на учениците.  За време на советувањето родителите нема да бидат пасивни слушатели, туку активно ќе учествуваат и ќе  споделуваат и разменуваат искуства за начините на воспитување на децата. Советувањето на родителите ќе се спроведува во просториите на училиштето, во две 60-минутни средби. Втората средба ќе се реализира најмногу две недели по првата.

Во Програмата се прецизирани и обврските и однесувањето на психологот што ќе го врши советувањето. - Во односот спрема родителите тој треба да покаже воздржаност од брзо и неодмерено донесување негативни вредносни судови што би се протолкувале како омаловажување или како некаква форма на стигматизирање на учениците или на родителите, стои во Програмата  за советување родители.

Според авторите, цел на програмата не е само работата со родители на ученици со проблеми, туку и развивање свесност за потребата да се унапредат родителските вештини кои позитивно би влијаеле врз квалитетот на животот на детето и на неговите постигнувања на училиште.