Се намалува бројот на баратели на азил - трибина „Стоп за злоупотреба на визната либерализација“

Владата работи на подготовка на социјални пакети кои ќе ги ублажат проблемите на граѓаните кои заради состојбите во кои се наоѓаат се решаваат на злоупотреба на азилот, рече министерот без ресор Неждет Мустафа на трибината „Стоп на злоупотребата на визната либерализација“ која денеска се одржа во Гостивар.

Според министерот Мустафа, азилот во ЕУ, подвлече, има своја дефиниција.

- Азил добиваат лицата кои имаат третман на воен, политички бегалец или прогонето лице заради политички или религиозни убедувања. Нашите граѓани не се во тие категории. И конечно треба да сфатат дека некои од нив се жртви на луѓе кои ги манипулираат и злоупотребуваат. Ние ќе ги охрабирме граѓаните дека решавањето на економските и социјалните проблеми се тука во Македонија, а не надвор од неа, рече министерот без ресор Неждет Мустафа.

На трибината свое излагање имаше и амабасадорот на Белгија во Македонија, Мајк Микелсен, кој информира дека минатата година од Македонија политички азил побарале околу осумстотини граѓани.

- Тоа се луѓе кои биле погрешно инфромирани и им бил продаден билет со што станале жртви на манипулација. Од тие причини ние активно соработуваме со Владата на Република Македонија на објаснување што всушност претавува визната либерализација и какви последици носи нејзината злоупотреба, рече Микелсен. 

На новинарско прашање за можноста на граѓаните на Македонија да им се укине безвизниот режим поради бројката на азиланти, амбасадорот Микелсен одговори дека добрата вест е што бројот на азиланти се намалува, но лошо е што таа се уште е висока. Но, засега, подвлече, наш приоритет е ваквиот тип на соработка со Владата како превентива, пред да биде воведена таква ригорозна мерка. 

Претставници на Министерството за внатрешни работи и за образование преку презентации на трибината во средното општинско училиште „Гостивар“ укажаа на примери како да се спречи злоупотребата на визната либерализација.