Обраќање на премиерот Груевски на Самитот на балкански лидери
Регионот на Балканот низ историјата се покажа како центар од кој се ширеа науката, образованието и културата. Тоа е добра основа за да констатираме дека имаме заеднички платформи и дека можеме да бидеме подобри во секој поглед, рече премиерот Никола Груевски во обраќањето на Самитот на балкански лидери кој синоќа се одржа во Њујорк.
Според Груевски, улогата на лидерите е да бидат, пред се, „промотори на новиот дух кој говори за обединување наместо за подвојување, на позитивни чувства наместо омраза, на соработка наместо бариери“. Тој додаде дека само преку заемна соработка која ќе ја унапреди меѓусебната доверба и разбирање ќе се достигнат нови нивоа на повисок квалитет во развојот на секоја општествена област.
- Токму заемната соработка на земјите од регионот претставува визионерска идеја сама по себе. Таа дава основа за оптимизам за подобра иднина на нашите народи и остварување на идеалот за траен мир и економски просперитет на овие простори. Ние сме соочени со еден нов циклус од нашиот развој кој бара нова енергија, ентузијазам и залагање. Процесот е започнат и нема одење назад. Предизвикот е како побрзо и поефикасно да се прилагодиме на новите потреби со цел постигнување економски раст, подобар стандард за нашите граѓани, како да имплементираме нови идеи и да бидеме конкурентни, нагласи Груевски.
Македонскиот премиер подвлече дека балканските земји можат да најдат многу точки на соработка, додавајќи дека заедничките инвестиции во инфраструктурните проекти, во подобри патишта и железничка мрежа, во големи енергетски капацитети, се од голем заеднички интерес. Исто како и заедничката промоција на туристичките можности, па дури и заедничкиот настап на трети пазари.
Груевски информира дека како држава сме заинтересирани за инвестиции во коридорите 10 и 8, со што на најдобар начин ќе овозможиме брза и ефективна циркулација на граѓаните и добрата. Република Македонија инвестира во енергетско поврзување со соседните земји, пред се на полето на гасификацијата и електро преносните системи.
- Како политички лидери ние треба да ги создадеме условите, да ги обезбедиме можностите, да поентираме со позитивен пристап и промоција на здрав систем на вредности, затоа што само така граѓаните ќе не следат и позитивната енергија која ќе ја емитираме ќе се прошири кон граѓаните и ќе создаде кохезивни врски помеѓу народите, рече Груевски нагласувајќи дела лидерите имаат обврска постојано да ја јакнат меѓусебната доверба и соработка во интерес на просперитетот и благосостојбата на идните поколенија.
- Јас сум сигурен дека има многу повеќе работи кои не обединуваат, отколку што не раздвојуваат. Нашите народи секогаш знаеле да живеат заедно. Разликите во нацијата и религијата се наша компаративна предност пред светот. Нашите народи секогаш се почитувале, заедно славеле и тагувале, заедно се радувале, заедно ги чествувале празниците и заедно работеле за општиот интерес. Повеќе заедници се повеќе вредности, повеќе вредности е посилна енергија, посилна енергија значи напредок - и само напредок, заклучи премиерот Груевски.
На Самитот на Балкански лидери, кој се одржа под мотото „Визија за заедничка иднина“ учестуваа и премиерите на Турција, БиХ, Црна Гора, Косово и Албанија, Реџеп Тајип Ердоган, Никола Шпириќ, Игор Лукшиќ, Хашим Тачи и Сали Бериша.