Попоски: Мораме да пристапиме со оптимизам, тоа е во интерес на нашите стратешки интереси



Многу е важно да се поддржи еден позитивен пристап, отвореност, соработка, и во тој дух многу ќе ни се помогне и ќе ни се олесни ситуацијата за да се надминат некои пречки кои ни се наметнати, а не се реални, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска во Њујорк заедно со премиерот Никола Груевски се сретна со медијаторот Метју Нимиц.

Оценувајќи ги разговорите како многу корисни, Попоски информира дека на средбата со Нимиц се разменети ставови и предвидувања за решавање на спорот кој Грција го наметна за нашето уставно име, со исклучително позитивен и конструктивен пристап.

- Мислам дека со овој дух, со таков пристап од сите страни, решението е неизбежно во рамки на она што претставува приоритет за Република Македонија. Сметаме дека вакви можности се доста корисни. Добро би било доколку таа динамика се задржи и се надгради во идниот период и во тој контекст би било многу корисно доколку тоа е поддржано од сите учесници, а секако дека медијаторот Метју Нимиц има доволен простор да ја надгради својата работа и да може да придонесе во постигнување успех, нагласи шефот на македонската дипломатија.