Конференција по повод 20 години независност на Република Македонија



Постигнувањата на македонската држава во изминатите 20 години независност и предизвиците со кои се соочуваше, како и нејзините перспективи се теми на кои денеска дискутираат учесниците на конференцијата „20 години независна Република Македонија – постигнувања и перспективи на современата македонска држава“, што во Скопје се одржува во организација на Министерството за надворешни работи.

Обединетост на сите нивоа, внатре во државата, но и со македонската дијаспора, образование и вложување и залагање на секој поединец, се начините кои Македонија ќе ја одведат на вистинскиот пат, ќе овозможат економско зајакнување и побрз влез во евроатланските структури, сметаат дел од учесниците на конференцијата.


- Македонската независност е огромен патриотски подвиг. Таа е заслужена и остварена со сопствени сили. И покрај бројните премрежија, закани и притисоци со кои се соочивме, успеавме на дело да докажеме дека поседуваме државотворен капацитет, знаење, мудрост и храброст трајно да ја обезбедиме оваа вредност. Денеска македонската држава е реалност и таква ќе биде за навек. Докажавме дека може да бидеме свои на своето, нашата држава ние да ја градиме, за нашите права ние да одлучуваме, а перспективите самостојно да ги определуваме. Треба да сме горди што создадовме институции кои имаат капацитет да одговорат на предизвиците, што создадовме национално законодавство и одржлива економија што може да одолее на современите ризици, рече премиерот Никола Груевски кој имаше воведно обраќање на конференцијата.

Од земја жариште, додаде тој, денес станавме земја промотор на мирот и регионалната стабилност. - Лузните кои стојат во развојот на секоја земја, а кај нас се огледуваат низ проблемите со процесот на приватизацијата, задоцнетиот приклучок кон евроатланските интеграции во деведесетите години, конфликтот... оставија сериозен белег, но тие говорат за тоа каде сме биле, а не каде одиме. Не можеме да се вратиме од почеток, но може да почнеме од сега и да изградиме поинаков крај, рече премиерот Груевски.

За подобра иднина на Македонија, смета, потребно е обединување без оглед на политичката, верската и националната припадност, како и продолжување на реформите, целосна интеграција во ЕУ и НАТО.

- Националното, етничкото и политичкото обединување на теми од врвен национален интерес е целта што треба да ја оствариме, така ќе ги обезбедиме нашите природни и политички права кои не определуваат и идентитетски и вредносно. Верувам дека денеска на човек може да му се одземе се, но не она што е највредно, потеклото, спомените и чувството за припадност. Ги носиме во својата душа како македонски и никакви поинаку. Велат дека денеска е моќен оној кој е обединет, а такви ние треба да станеме, рече премиерот додавајќи дека очекува следните 20 години да бидат години на развој и прогрес.

Тој смета дека заслуги за досега постигнатото има македонската дијаспора, која, како што рече, е нераскинлив дел од македонското ткиво. Од неа побара, како и досега и уште повеќе да даде придонес за успешна Македонија.

Министерот за надворешни работи Никола Поповски посочи дека ресорот со кој раководи и македонската дипломатија 20 години успешно работат на етаблирањето на македонската држава на меѓународен план, за што, како што рече, сведочат големиот број дипломатско конзуларни претставништва, 1.015 склучени меѓународни договори, членство во 103 меѓународни организации и регионални иницијативи, либерализиацијата на визниот режим и успешното претседавање со комитетот на министри на СЕ.

И тој, како и премиерот, смета дека остварувањето на сонот на многу генерации Македонци за самобитност и државност не би било можно без цврстата и безусловна поддршка на македонската дијаспора.

- Нејзините претставници со бројни успеси остварени на многу полиња и во различни земји придонесуваат за афирмација на независна Македонија и се вбројуваат во нашите најдобри амбасадори, рече Поповски.

Македонија, додаде, е соочена со уште многу предизвици во насока на нејзините евроатлански интеграции, надминување на спорот со името, кои остануваат наши стратешки приоритети. - Конференција, покрај рефлексија на сработеното, треба да биде и патоказ за тоа како и каде треба да се движи Македонија во иднината, рече министерот за надворешни работи.

Турскиот амбасадор во земјава, Ѓурол Сокменсуер смета дека Македонија во минатото покажала дека може да се справи и со најтешките предизвици, иако многумина, како што рече, сметале дека не ќе може да го направи тоа.

- Македонскиот пат кон демократија беше обременет со многу препреки од прогласувањето на независноста. Македонскиот национален идентитет како независна нација беше доведен во прашање. Споровите со соседите, конфликтите во регионот и етничките тензии беа причина да се мисли дека оваа балканска нација не ќе може да чекори напред, но тој период е веќе зад нас и Македонија го покажа спротивното, рече амбасадорот.

И покрај обременетата историја, додаде, Македонија постигна значителен напредок во изминатите две децении. - Обезбеди мир и стабилност во рамки на нејзините граници и напредна на полето на економијата и со две глобални кризи одржа економска стабилност, рече тој.

За професорот Љубомир Читкушев се она што го постигнала Македонија е резултат на образованието, и тоа е, како што рече, единствено решение кое земјата ќе ја води напред. Образованието ќе помогне, рече, секој да може да даде се поголем придонес, ќе направи сите да се познаваат подобро и да се обединат. Исто така, потребно е национализмот од која било страна да се замени со патриотизам и да се сфати дека оваа земја е на сите што живеат во неа и оти е матица за сите Македонци во светот, рече Читкушев.

На конференцијата, што се организира во рамки на активностите за прослава на 20-годишната независност учествуваат претставници од македонската дијаспора, домашни и странски гости и претставници од дипломатскиот кор во Македонија.