Во координативен процес и соработка НКТ за имплементација на конвенцијата на ООН при Владата на РСМ и надлежните министерства го дефинираа процесот кон инклузија на учениците со лесна интелектуална попреченост во редовно образование

Во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, вчера се одржа министерски координативен состанок, во однос на заклучоците  од 114 та седница на Владата одржана на 08.01.2019,  за потребата  од инклузија на децата со лесна интелектуална попреченост во редовните училишта.

На состанокот кој го водеше г. Спасе Додевски, Национален координатор- претседавач со Националното координативно тело,  беа присутни министерот за здравство г. Венко Филипче, министерот за образование и наука г. Арбер Адеми, министерката за труд и социјална политика г-ѓа Мила Царовска, заменик директорот на Бирото за развој на образованието г. Мирван Џемаили, како и членовите во работната група од истите институции.

На средбата се дискутираше по однос предлог- планот со конкретни активности кои треба да ги реализираат сите засегнати чинители, со цел на учениците со попреченост да  им се гарантира ефективно образование на еднаква основа со останатите. Предложените активности се во согласност со препораките на Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост наведени во неговите заклучни согледувања, по однос на иницијалниот извештај на Република Северна Македонија за реализација на мерките од Конвенцијата на ОН, во септември 2018 година.

Исто така, на средбата се дискутираше и во однос на реформата на посебните училишта, односно за неопходната потреба од проширување на нивната дејност, со цел поддршка на инклузивниот процес во училиштата.

Во координација на Националното координативно тело, ќе се спроведува целиот процес, кој меѓудругото, ќе опфати: идентификација на учениците со лесна интелектуална попреченост во посебните основни училишта, информирање на родителите од страна на советодавно тело, обуки за зајакнување на капацитетите на инклузивните тимови во редовните училишта, како и обуки за специјалните едукатори од посебните училишта за нивната нова ресурсна улога. Секако, пред се ова да се реализира, ќе се одржат јавни трибини и консултативни средби со посебните и редовните училишта за целиот процес. Како најважно, ќе се направат измени и дополнување во Законот за основно образование, со цел сите претходно наведени активности да имаат законска основа. 

Владата на Република Северна Македонија во својата програма за работа, но и преку своите стратешки документи на национално ниво, како и со документите за пристапување во ЕУ, јасно демонстрира посветеност  на земјата за унапредување на човековите права, вклучувајќи ги и лицата со попреченост. Развојот на квалитетно образование е предуслов за  постигнување подобар квалитет на живот на ранливите категории на граѓани. Во тој контекст, Владата покажува сериозна посветеност за оваа реформа и ја дава својата поддршка за креирање на вакви ресурсни образовни центри.