Во средата, 3 април, премиерот Заев имаше телефонски разговор со канцеларката Меркел.
Во разговорот беше потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Ципрас во вторникот, на 2 април 2019 година, како и заедничката владина седница, беше историски момент. Позитивниот развој на односите меѓу Северна Македонија и Грција е позитивен пример за регионот на Западен Балкан и тоа се добри вести за Европа.
Спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува дека дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска корист за граѓаните. Како што информираше премиерот Заев, владите на Северна Македонија и Грција потпишаа неколку договори за зацврстување и развој на соработката. Покрај тоа, во Скопје беше одржан и бизнис форум на кој присуствуваа повеќе од 140 компании од Грција и 250 компании од Северна Македонија.
Премиерот Заев, исто така, ја информираше канцеларката Меркел и за други политички настани во државата, како што е одржувањето на отворен дијалог со опозицијата во врска со реформите, каде се постигнати конкретни резултати со усвојувањето на нов закон за антидискриминација, формирањето на Антикорупциска комисија, како и реформи во безбедносните служби и јавната администрација. Дијалогот во врска со иднината на Специјалното јавно обвинителство е сѐ уште во тек.
Премиерот Заев ѝ се заблагодари на канцеларката Меркел за поддршката што Германија ја даваше во сите процеси, вклучително и надминувањето на спорот за името со соседна Грција, внатрешните реформи, а особено за економскиот советник што Германија го обезбеди со цел да ѝ помага на Владата на Северна Македонија. Германија е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, а интересот на германските инвеститори е сѐ поголем. Покрај тоа, во земјата се спроведува модел за дуално образование со помош на германски партнери.
Имајќи ги предвид горенаведените настани, премиерот Заев побара поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија која треба да ја донесе Советот на ЕУ во јуни. Тој потенцираше дека, со оглед на тоа дека државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, го склучи Договорот од Преспа и постигна резултати во поглед на реформските процеси, време е Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука ќе претставува дополнително охрабрување за да се продолжи со реформите во Северна Македонија.
Канцеларката Меркел го поздрави позитивниот развој на спроведувањето на Договорот од Преспа, како и спроведувањето на домашните реформи преку отворен дијалог со опозицијата, што, според неа, ќе донесе конкретни и позитивни резултати.