Груевски: Инцидентите ги прават партиски мотивирани лица за сопствена корист
Последните меѓуетнички инциденти во Македонија се бранувања што за сопствена корист ги прават партиски мотивирани лица од опозицијата, кои бараат начин да ги овојат симпатиите на граѓаните, смета премиерот Никола Груевски.
- Најновите сквернавења на верски објекти според она што јас можам да го проценам се дефинитивно плод на партиски мотивирани лица од опозицијата кои не гледаат друг начин како да ги освојат симпатиите на граѓаните, туку одат на картата дека доколку го компромитираат работењето на сегашните владејачки партии преку создавање конфликти во општеството, ќе ги привлечат симпатиите кај граѓаните и дека тие ќе се разочараат во владејачките партии и ќе се свртат кон одредени опозициски партии, изјави Груевски по посетата на Машинскиот факултет.
Според него, тоа се безуспешни обиди кои нема да доведат до конфликти, дека бргу се разоткриваат и не добиваат поддршка.
- Сакам да им укажам дека на тој начин нема да успеат да ја освојат поддршката на граѓаните, ниту во намерата да остварат посериозни конфликти. Многу брзо ќе се разоткрие тоа што го прават и луѓето тоа веќе го препознаваат - кога се помина, и по расправите во Парламентот - повторно имаме такви чекори. Сосема е јасно дека се работи за партиски мотивирани лица кои сакаат да предизвикаат бранувања во сопствена корист, истакна премиерот Груевски.