Седница на Економскиот совет

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа редовна седница на Економскиот совет со која претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.

На денешната седница на Економскиот совет се разгледуваа повеќе информации од сферата на земјоделството, инфраструктурата, експлоатација на геотермални води, образование и здравство.

Економскиот совет беше информиран дека осум локации кои што се наменети за изградба на откупно-дистрибутивните центри за откуп на земјоделски производи, се подготвени и наскоро ќе бидат објавени за продажба по почетна цена од 1 евро за квадрат. Станува збор за локации во Ресен, Кочани, Свети Николе, Валандово, Облешево, Врапчиште, Штип и Демир Капија.

На седницата на Економскиот совет се расправаше и за информацијата за формирање на Академија за менаџери во Скопје. Станува збор за проект во кој што ќе бидат вклучени Министерството за образование и наука, стопанските комори од државата, како и еден реномиран странски универзитет. Целта на академијата ќе биде да се вршат специјализирани обуки за домашните менаџери од повеќе области кои што се значајни за нивната секојдневна работа, а истовремено ќе се работи и на научно-истражувачка дејност од областа на менаџментот и економијата. Во тек се подготвителните активности, а Академијата за менаџери се очекува да започне со работа во текот на следната година.

Во делот на инфраструктурата беше разгледувана информацијата за динамиката на активностите за изградба на технолошко-индустриските развојни зони, како и информацијата за процесот на урбанизација на касарните. Во тој контекст, Економскиот совет беше информиран дека постапките за урбанизација на касарните е завршена во општините Струмица, Дебар, Дојран, Гевгелија, Кочани, Кичево, Битола, Аеродром, Куманово и Велес, додека во тек е постапката во Карпош, Бутел, Радовиш и Охрид. Со процесот на урбанизацијата на касарните ќе се овозможи значителен градежен простор, кој што досега беше во функција на Министерството за одбрана, да се стави на располагање на општините. Притоа, преку продажбата на градежни парцели чијашто намена во најголем дел ќе биде за изградба на индустриски објекти, хотели, здравствени објекти и објекти за индивидуално и колективно домување, ќе се создадат услови за забрзување на локалниот економски развој.