Во моментов се работи на преку триесетина патни правци, градежните акивности се засилени и очекувам дека во вториот и третиот квартал ќе имаме драстично зголемување на капиталните инвестиции, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета во Злетово.
Тој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во реконструкција на патниот правец Злетово-Пробиштип.
Министерот Сугарески потенцираше дека во овој период се реализира засилена градежна офанзива во изградба и реконструкција на патишта, изградба на железници како и изградба на гасоводот.
„Градежните работи на речиси сите капитални проекти ги засиливме како никогаш претходно. Најавивме силна економска година и таква ќе ја оствариме. Очекувам веќе овој квартал да го зголемиме процентот на реализација на капиталните инвестиции. Со силно темпо работиме на изградба и реконструкција на патната инфраструктура. Дополнително во моментов се работи и на проектирање на други патишта, ако се создадат услови и годинава, ЈПДП ќе распише тендери за реконструкција.
Интензивирани се и градежните работи на железницата кон Бугарија, a непрекинато се работи и на изградба на гасоводната мрежа. Генерално се работи интензивно, нѐ очекува долга градежна сезона така што сите планирани проекти очекуваме да ги реализираме”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека интензивно се работи на започнатите патни правци во сите општини. Дополнително се очекува оваа година да се започне со реконструкција на други патни правци кои се планирани со програмата на ЈП за државни патишта.
„Денеска извршивме увид во реконструкција на регионалниот пат од Злетово до Пробиштип, еден од многуте патни правци кои ги работиме. Рехабилитираме 17 километри и веќе 30% од патот е завршен и очекувам за кратко време тој да биде готов. Важно е што жителите на Злетово после неколку децении ќе добијат нов пат. И не само тоа, овде во регионот се реконструираат и уште неколку патишта, на пример обиколница Кочани, потоа патот до Крупиште што значи еден преку 35 километри патна мрежа. Уште поважен е фактот што во секоја општина во државата се вршат реконструкции на минимум два до три патишта и со такво засилено темпо ќе продолжиме да работиме”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.