Османи: Стартот на преговори значи поддршка од сите земји - членки, за што очекуваме поддршка од пријателска Унгарија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во рамките на работната посета на Република Унгарија оствари средба со Саболч Такач, Државен министер за европски работи при канцеларијата на Премиерот Виктор Орбан, и претставник на Република Унгарија во Европската Унија.

„Како земја имаме недвосмислена потврда за остварениот напредок и според политичките и според реформските критериуми, што со сигурност ќе се рефлектира и во содржината на претстојниот Извештај на Европската Комисија“ истакна Османи, изразувајќи уверување дека Комисијата во својот Извештај ќе посочи дека Република Северна Македонија и суштински е подготвена за почеток на преговорите со Европската Унија.

„Континуираната поддршка од страна на Република Унгарија за европските интеграции на Република Северна Македонија, претставува важен елемент вграден во денешниот успех на нашата земја, и како долгогодишни пријатели, ја очекуваме оваа поддршка и во пресрет на претстојните самити на Европската Унија“ истакна Османи, посочувајќи дека очекувањата и во Северна Македонија, но и во целиот регион на Западниот Балкан се дека на претстојните самити Европскиот совет ќе ја потврди одлуката од минатата година, за старт на преговорите со ЕУ.

Османи ја продолжува работната посета на средба и со Министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, каде покрај европските интеграции на земјава, ќе бидат отворени темите и за билатералните односи, билатералната поддршка, како и севкупната соработка меѓу двете земји.

По Унгарија, Османи продолжува на работна посета на Хрватска, на средба со Министерката за надворешни и европски прашања, Марија Пејчиновиќ Буриќ, а ќе оствари средба и со Претседателот на Комисијата за европски прашања во хрватското собрание, Домагој Иван Милошевиќ.