Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и раководителите на Центрите за развој на планските региони денеска потпишаа договори за реализација на 16 нови инвестициски и иновативни проекти кои што ќе се имплементираат во сите осум плански региони. Вкупната вредност на проектите е еден милион и двесте илјади швајцарски франци. Средствата се обезбедени во рамките на проектот „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, финансиран од Министерството за локална самоуправа, канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања и од швајцарската Влада
- Рамномерниот развој е столб на владиниот концепт за градење на Едно општество за сите. На нашата држава и е потребен подинамичен развој, но исто толку е важно да се обезбеди рамномерен развој, кој што ќе донесе промени пред вратата на секој граѓанин, со изградба на нов пат, канализација, детска градинка или ново современо училиште, енергетски ефикасни и пристапни јавни објекти, посебна грижа за лицата со попреченост, развивање на потенцијалите за туризам и отворање на нови работни места, отворање на нови перспективи за развој на локалната заедница и на регионот, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Министерот Фазлиу истакна дека проектот „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” е значен и поради можноста преку него да се зајакнуваат капацитетите на Центрите за развој на планските региони.
- Тие се осумте генератори на развојот кои што треба да креираат иновативни и конкурентни проекти и успешно да ги имплементираат. Новиот квалитет и додадена вредност е и во инклузивностa на целиот процес, со вклучувањето на граѓаните и на бизнис секторот во изборот на проектите. Најважно е да реализираме проекти кои што ќе решаваат проблеми и ќе имаат директно влијание на квалитетот на живеење на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Секој плански регион ќе реализира по два проекти кои што имаат директно влијание на подобрување на квалитетот на живеење и промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите.
За осумте инвестициски проекти се обезбедени 850 илјади швајцарски франци, а секој плански регион ќе добие грант чии износ е условен од степенот на развиеност. Најмалку развиениот, Североисточниот плански регион ќе добие 145 илјади франци, а најразвиениот, Скопскиот, 60 илјади швајцарски франци.
Вториот грант е наменет за реализација на иновативни проекти. И овие проекти беа идентификувани на партиципативен начин со активно учество на претставниците од невладиниот, образовниот и бизнис секторот. Вкупниот фонд за поддршка на иновативни проекти за 2019 година изнесува 311.841 швајцарски франци, а секој од осумте плански региони ќе добие грант од 39 илјади швајцарски франци за реализација на одбраниот проект.