Ставрески: Модернизацијата на блоковите во РЕК Битола почеток на инвестициски циклус вреден 300 милиони евра
Во РЕК „Битола“ денеска промовирано успешното завршување на модернизацијата и автоматизацијата на термоелектраната „Битола 2“, Официјално модернизираниот блок го пушти во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој рече дека енергетскиот сектор претставува столб на економскиот развој на секоја држава, а стабилното и квалитетно снабдување со електрична енерегија е основен фактор за конкурентноста на економијата и најави нови инвестиции во енергетскиот сектор вредни 300 милиони евра.
- Успешното завршување на модернизацијата на вториот блок, како и модернизацијата на првиот и третиот блок, се почеток на еден силен инвестициски циклус на ЕЛЕМ кој во наредните четири години ќе има вкупна вредност од 300 милиони евра, истакна министерот Ставрески на денешната пригодна свеченост во РЕК „Битола“.
Новите инвестиции во енергетскиот сектор ќе овозможат модернизација на постројките и блоковите во РЕК „Битола“, транспортниот систем за рудниците, како и изградба на нови енергетски капацитети во државата, рече вицепремиерот Ставрески.
-Се работи на сите сегменти од производството на електрична енерегија, изградба на нови капацитети како што се Луково Поле и Бошков Мост, а воедно се работи и на обезбедување постабилно и долгорочно снабдување со електрична енерегија од постоечките капацитети, посочи Ставревски.
Модернизацијата и автоматизацијата на турбоагрегатите на ТЕ „Битола“ ја изведува руската компанија „Силовие машини“ и се очекува освен зголемување на доверливоста на работата на термоелектраната да се овозможи и продолжување на експлоатацискиот век за најмалку уште 120.000 работни часови.
- Придобивките од оваа инвестиција ќе овозможат продолжување на работниот век на РЕК „Битола“ за околу 30 години, обезбедување работа за сите работници, но и обезбедување стабилна енергија за македонската економија. Руската Федерација е еден од стратешките партнери на Република Македонија во енергетскиот сектор и во иднина очекуваме уште поголеми инвестиции во овој сектор, истакна министерот Ставрески.
АД ЕЛЕМ освен реализацијата на овој мега проект, паралелно и интензивно работи на доизградбата на главниот транспортен систем за јаглен од рудникот Брод-Гнеотино до рудникот Суводол.
-Засилената инвестициска агенда ја реализираме со силна поддршка на Владата и посебно министерствата за финансии, економија и животна средина во насока на побрзо и финансиски оптимално реализирање на сите инвестициски зафати, рече меѓу другото директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски.
На денешниот промотивен настан во РЕК „Битола“ присуствуваа и рускиот амбасадор Олег Николаевич Шчербак, како и Максим Травников, копретседател на Меѓувладината македонско-руска комисија кој потврди дека денешниот, не е ниту прв ниту последен проект на руските компании во Република Македонија.