Примарен фокус ставаме на реализација на капиталните инвестиции. Заклучно со овој месец или втор квартал имаме силна реализација на капиталните инвестиции во ресорот “Транспорт и врски”, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во градежните работи на санација на два мостови на регионалниот пат Неготино-Лакавица.
Тој потенцираше дека вториот квартал има одлична динамика на реализација на проектите што ги работи Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта.
„Во однос на проектот за гасификација со месец јуни ќе имаме околу 50 проценти реализација. Очекувам дека ќе надминеме 100 проценти и ќе ги искористиме 1 милијарда и 500 милиони денари предвидени за оваа намена.
Во делот на патиштата се работи со силно темпо насекаде низ државата. Само во моментов се работи на изградба и реконструкција на преку четириесет патишта со што имаме преку 30 % реализација во овој дел, кој пак морам повторно да потенцирам дека овие проекти на ЈПДП не влегуваат во капиталните инвестиции од државниот буџет. Во делот на канализации и водоводи, на терен се работи во 28 општини или на преку 180 километри комунална мрежа. Изградбата на Железницата кон Бугарија оваа година забрзано почна да се гради и очекуваме дека и тука ќе имаме голем процент на реализација. Исто така искористени се и сите средства кои беа наменети за станбена изградба”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Овие бројки подразбираат дека ресорот “транспорт” има одлична динамика на работа на терен, очекувам дека ваквото темпо на работа ќе продолжи и во третиот квартал со што ќе имаме сериозно добри бројки во нашиот ресор, потенцiраше министерот Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека периодот Јануари - Јуни 2019 година, споредено со истиот период 2018 година, ЈП за државни патишта има зголемување од преку 30 проценти реализација на инвестициите.
„Градиме четири нови мостови и реконструираме преку десетина. Овие два што се санираат во Неготино се од огромно значење за жителите. Децении наназад не се санирани а Ние отпочнавме проект вреден 2,2 милиони евра со што темелно ќе извршиме реконструкција и ќе го подигнеме нивото, бидејќи ниското ниво на едниот мост прави проблем на Желеницата. Очекувам двата моста да се санираат во рамки на предвидените рокови. Дополнително работиме преку четириесетина патишта што е историски најмногу, а морам да потенцирам и дека во никој случај ЈП не доцни со исплата на фактурите кон сите градежни компании”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
Министерот Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Китанов, истакнаа дека трет и четврт квартал ќе има уште подобра реализација на капиталните инвестиции, бидејќи очекуваат дополнителни работи на терен.