Средношколците ќе се едуцираат да препознаат и одбијат работа на црно

„Одбиј работа на црно“ е наслов на проектот преку кој учениците од трета и четврта година во средното образование, пред се во стучните училишта, во текот на март и април ќе се едуцираат за правата и обрските од засновање работен однос, односно да препознаваат ваков тип на работа и да не ја прифаќаат, што го презентираа министерите за образование и наука и за труд и социјална политика Панче Кралев и Спиро Ристовски.

Средните стручни училишта, како што образложи министерот Ристовски, се избрани заради тоа што нивните учениците први се вклучуваат во пазарот на труд, но и први се соочуваат со можноста да им биде понудена работа на црно.

- Со запознавањето на младите со основните права и обрски од работен однос, условите и начинот на негово засновање, ќе влијае кај младите при нивно вклучување на пазарот на трудот. Преку почитување на регулативата превентивно ќе се делува и да се намали бројот на младите лица ангажирани во соивата економија, а ќе бидат и запознаени со облиците и формите на заштита на правата од работен однос и мерките за безбедност и заштита на здравјето, рече министерот за труд и социјална политика.

Според него, кај младите треба да се изгради свест дека вработувањето на црно, не е штетно само за државата, туку и за нив самите. Дури тогаш, рече Ристовски, ќе се постигне поголем напредок во сузбивањето на сивата економија, нешто на што работат и трудовиот инспекторат.

Министерот за образование и наука Кралев смета дека овој проект ќе ги научи младите како да препознаат, но и како да одбијат работа на црно. Покрај младите ќе се едуцираат и професорите во училиштата, кои подоцна во наредните години би ги едуцирале наредните генерации.

- Целта е да се формира одржлив систем, преку кој младите постојано ќе се едуцираат по ова прашање, рече Кралев.

Во Македонија нема точна бројка колку лица работат на црно, односно во зоната на сивата економија. Казните за работодавецот кај кого ќе биде затекнато лице кое работи на црно, односно не е пријавено и осигурано, се движат од 6 до 7 илјади евра.