Средба Бектеши-Азеведо: СТО го препозна остварениот прогрес, Северна Македонија е на вистинскиот пат за отворена трговија и економски раст

Светската трговска организација (СТО) го препознава прогресот кој го направи Република Северна Македонија на патот кон светската трговска интеграција, а земјата е на вистинскиот пат за отворена трговија, поголем економски раст и креирање на нови работни места.

Ова е заклучокот од средбата на министерот за економија Крешник Бектеши со генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Роберто Азеведо.
Во рамки на тридневната посета на СТО во Женева, каде што Република Северна Македонија ја презентира Втората ревизија на трговската политика, министерот Бектеши го информираше првиот човек на СТО за реформитите кои што ги направи земјата, во прв ред на политички, а потоа и на економски план, кои што придонесоа за подобрување на бизнис климата.

Како што потенцираше Бектеши, со потпишувањето на Договорот од Преспа, со што се реши деценискиот спор со Грција за промена на уставното име и Договорот за добрососедство со Бугарија, се отвори патот на Република Северна Македонија за трансформација на економијата. 

Овие реформи, како што нотираше министерот, беа препознаени од НАТО, од каде што земјата доби покана за членство кое што треба да биде формализирано до крајот на годината, но и од Европската Унија, која даде позитивни оценки за напредокот на државата, за што се очекува датум за почеток на преговори во октомври.

Министерот Бектеши побара поддршка од првиот човек на СТО за приклучување на земјата кон Плуратералниот договор за јавни набавки (ГПА). Го информираше дека апликацијата за приклучување кон овој договор со кој домашните компании ќе можат да учествуваат на меѓународни тендери во 38 земји кои се членки е доставена во 2017 година, а на почетокот на 2018 година е доставена и почетна понуда која сеуште е предмет на дискусија кај членките.

„Членството на Република Северна Македонија во ГПА е многу важно, бидејќи ние сме соседи со две земји членки, Грција и Бугарија, што ќе значи поголема можност за нашите компании да можат да учествуваат на тендери во овие земји. И во новиот Закон за јавни набавки се имплементирани сите директиви кои што се дел од овој договор. Како земја ќе бидеме многу благодарни на вашата поддршка за да станеме 39 земја на овој договор до крајот на годината“, порача Бектеши.

Министерот, исто така, информираше дека после политичките турбуленции, македонската економија е стабилна, минатата година забележа раст на БДП од 2,7 проценти, а во првиот квартал оваа година растот достигна 4,1 процент, што ги надминува проекциите на Владата. Оекувањата се дека до крајот на годината економијата ќе испорача раст и од над 4 проценти.

„Значително се подобрени економските индикатори на земјата. Растот на економијата сега се базира на реалната економија. Невработеноста е намалена за 4,8 проценти, индустриското производство е пораснато за 8 проценти, го зголемивме нашиот извоз за 15 проценти годишно. Само странските инвеститори кои што работат во земјата продонесуваат за раст на извозот од 10 проценти годишно“ истакна Бектеши.

Првиот човек на СТО, упати честитки за реформите кои што успеала да ги направи државата и во турбулетен период што според него дава јасна порака за понатамошна трговска интеграција на земјата.

„Ви честитам на остварените резултати и напредокот кој што го имате направено како држава што се гледа во успешната Ревизија на трговската политика. Тоа е многу важна вежба и можност земмјата да се отвори кон членството на СТО. Ви ја давам мојата целосна поддршка во процесот на приклучување кон ГПА, ние како Секретаријат ќе Ви помогнеме да го менаџирате процесот, но одлуката е на земјите членки. Ние имаме лимитирана можност да влијаеме, но ќе ги охрабриме членките да обрнат влијание на прогресот кој го има направено вашата држава за понатамошната трговска интеграција“ порача Азеведо.

Ова е прва средба на генералниот директор Роберто Азеведо кој е втор мандат на чело на СТО со претставник од Република Северна Македонија.