Премиерот Заев на прес за разрешувања на директори и членови на УО: Секој е менлив, внимателно го слушаме гласот на граѓаните кои на избори и со својата гласност одлучуваат кој ќе ги застапува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска на прес-конференција ги соопшти имињата на носителите на раководни функции, како и членови на Управни и Надзорни одбори на коишто им се заблагодари за досегашниот придонес. Премиерот Заев образложи дека согласно законските прописи од денеска започнува постапката за нивно разрешување во Владата, во ресорните министерствата или во надзорните одбори. 

„Треба да знаат сите дека секој е менлив и променлив, затоа што оваа држава е на граѓаните, постои заради граѓаните и граѓаните гласно зборуваат за своите очекувања, како што зборуваат да пофалат некој кога е добар, тие знаат да го искритикуваат, дури и прецизно да кажат каде е проблемот, така да верувам дека мудро слушаме и потоа постапуваме“, рече премиерот Заев и додаде дека причините за предложените промени на носителите на јавни функции се различни. 

 

 

„Секако и тоа што беше присутно во јавноста, но многу често се и практични, нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, замерки од меѓународните институции за водењето на одредени процеси, некогаш недоволната транспарентност, некогаш недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, како владини институции за нивно спроведување, некогаш послабиот менаџмент за одредени институции за финансиско стабилизирање на самите институции и нивно зајакнување“, образложи премиерот Заев. 

На денешната прес-конференција, којашто ѝ претходеше на владината седница на оваа тема, премиерот Заев рече дека на дел од лицата коишто ќе бидат разрешени ќе им биде понудена друга јавна функција, за која, како смета дека ќе можат успешно да ја извршуваат. 

„Овие слабости коишто се покажани, очекувам најмалку новите да не ги повторат, но и да испратат порака кај тие што остануваат дека секако тоа ќе биде нешто што секако го следи премиерот, Владата, јавноста, така да бидеме подобар сервис на граѓаните, да бидеме поотчетни, да ја тргнеме таа ароганцијата којашто постои, оти ако ни е тешко, кога носиме вака високи функции можеме да заминеме, ќе дојде друг“, заклучи премиерот Заев.