Попоски во Стразбур побара отворена поддршка за интензивирање на евроинтегративниот пат на Македонија кон ЕУ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, престојува во работна посета на Европскиот парламент во Стразбур, каде се одржува редовна пленарна седница на ЕП.

Посетата претставува дел од активностите на Република Македонија за унапредување на дијалогот со Европскиот парламент, што е од особено значење во контекст на усвојувањето на Резолуцијата за напредокот на Македонија за 2011 година на пленарната сесија во март.

За време на работната посета на Европскиот парламент, министерот Попоски оствари средби со повеќе европратеници, меѓу кои: Отмар Карас (Австрија), потпретседател на Европскиот парламент, Јозеф Даул (Франција), претседател на Европската народна партија во Европскиот парламент, Гунар Хокмарк (Шведска), член на претседателството на Европската народна партија и координатор на работната група за проширување и соседство, Јан Олбрихт (Полска), потпретседател на Европската народна партија и координатор за меѓуверски дијалог, како и средби со Ален Teрноар, меѓународен претседател на Паневропската унија и Мартин Камп, генерален секретар на Европската народна партија.

За време на средбите Министерот Попоски побара отворена поддршка за интензивирање на евроинтегративниот пат на Македонија кон Европската унија, а особено во однос на што поскоро отварање на пристапните преговори со Европската унија. Во однос на Резолуција за напредокот на Македонија за 2011 год. тој побара поддршка за усвојување на избалансиран и објективен текст кој реално ќе го отслика напредокот на Македонија во текот на 2011 година.

МНР Попоски, исто така, денес имаше свое обраќање на заедничката седница на работните групи за надворешни работи и за проширување на Европската народна партија, со која претстедаваше европратеникот Едвард Кукан  (Словачка). На седницата беа разменети мислења за перспективите на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија. Во своето обраќање, министерот Попоски го повика Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Европската унија за време на Данското претседателство. Во тој контекст, ја поздрави иницијативата на Европската комисија за продлабочен пристапен дијалог на високо ниво и истовремено изрази надеж дека актуелната должничка криза нема да влијае врз процесот на проширување на ЕУ.