Димовски во Москва ги презентираше македонските потенцијали за производство на храна

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Москва се сретна со заменик-претседателот на Трговско-индустриската комора на Руската Федерација, Георги Георгевич Петров.

На средбата, како што соопшти Министерството, организирана во соработка со Македонско - руската комора, присуствуваше и директорот на комората Дејан Бешлиев.

Министерот Димовски ги презентираше македонските потенцијали во производството на храна и пијалаци со акцент на производството и пласманот на вино и вино-материјал.

На состанокот се потврди зголемувањето на размената меѓу Русија и Македонија за 80 проценти во однос на 2010 година.

Заменик-претседателот на Трговско-индустриската комора Георги Георгевич Петров со оптимизам гледа на идната соработка и стои на располагање за каква било идна соработка во сите области, меѓу кои и земјоделството.

Тој побара да им се достават подетални информации за условите за инвестирање во земјоделството, затоа што информациите што ги дал министерот Димовски го привлекле нивниот интерес.

Трговско-индустриската комора ќе ја поддржи посетата на вицепремиерот Ставрески во април.

Македонско-руската комора има веќе воспоставено добра соработка со Трговско-индустриската комора на Руската Федерација.