Конститутивен состанок за претприемништво и иновации


Во Владата на Република Македонија денеска се одржа конститутивниот состанок на Комитетот за претприемништво и иновации со кој претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.


Покрај претседателот на Владата, во работата на Комитетот за претприемништво и иновации учествуваат и заменик претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, заменикот претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министрите за економија, здравство, информатичко општество и јавна администрација, образование и наука, министрите за привлекување странски инвестиции, заменик министрите за економија и земјоделство, шумарство и водостопанство, како и надворешни претставници од бизнис секторот и науката.


Комитетот за претприемништво и иновации ќе се фокусира на прашањата за подобрување на конкурентноста на македонската економија, како и зголемување на вработеноста и економската активност преку развој на претприемачкиот дух, особено кај младите, преку јакнење на свеста за можностите за водење сопствен бизнис и со тоа креирање на подобри услови за сопствен успех, но и успех и напредок на државата. Воедно, на Комитетот ќе се разговара и за финансиска поддршка и унапредување на регулаторната рамка за развој на малите и средни претпријатија, унапредување на вештините на претприемачите и нивно здружување, унапредување на условите за водење бизнис, поврзување на фирмите со универзитетите и иноваторите, имплементација на истражувачки и развојни проекти, поддршка на комерцијализацијата на иновациите, како и имплементирање на нови технологии кои се основа за постоење на технолошки базиран економски раст.


Состаноците на Комитетот за претприемништво и иновации ќе се одржуваат на редовна месечна основа, при што темелно ќе се следи реализацијата на проектите од претходно наведените области, ќе се разгледуваат можности за имплементација на нови проекти, и ќе се даваат препораки за одлуки и мерки кои ќе бидат во функција на исполнување на целите за подобрување на конкурентноста на македонската економија, како и зголемување на вработеноста и економската активност во државата.