Изјава на премиерот Никола Груевски по добивањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2011 година
Почитувани,
Предмалку го добивме Извештајот кој го подготви Европската Комисија, и кој се однесува на напредокот што нашата држава го направи во изминатата година.
Ние сме задоволни што оваа година, исто како и минатите 2009 и 2010 година, Европската Комисија даде позитивна оценка за се она што македонските институции и граѓаните го реализираа во изминатиот период на полето на европските интеграции на Република Македонија.
Би сакал да истакнам дека најголемо признание за позитивниот тек на нашата евроинтеграција и доказ дека земјата неспорно се движи напред кон Европската Унија, е потврдата на препораката за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија. И тоа е производ и оценка за се она што е сработено досега.
Препораката на Европската комисија е дополнителен стимул за нас да продолжиме на патот на реформите и европското интегрирање, а тоа што доаѓа по трет пат, без разлика на оспорувањата и сите обиди на секакви политичари, индивидуи ја докажува нашата посветеност кон овој процес.
Потврдата на препораката за почеток на преговори е сумарна оценка за целокупниот напредок на Република Македонија, и тоа во услови кога годинава имавме определени предизвици кои ги надминавме, претставува сигнал дека реформскиот процес ги дава своите резултати а модернизацијата на земјата продолжува во позитивна насока.
Во Извештајот се наведени дел позитивни оценки, согледувања и препораки за реформите и состојбите, и дел на препораки, сугестии и укажувања за поинтензивна и подинамична работа и во сферите каде е потребен посилен конкретен напредок. Владата, ги цени и почитува сите препораки и укажувања на Европската Комисија, и со засилен ангажман и внимание уште од денес ќе се посвети на реализација на истите, во насока на постигнување на уште поголем напредок и достигнување на нови повисоки скалила на полето на евроинтеграциите.
Дозволете ми на крај, да се осврнам накусо на изјавата на почитуваниот еврокомесар Штефан Фуле, и искрено, чесно и со полно срце да му порачам дека нема да помогне во обезбедување на притисок за решение за името, стратегијата на пренагласување на определени забелешки во однос на судството и на јавната администрација во склоп со наводниот проблем со слободата на изразување и тоа во услови кога три години спроведуваме суштински реформи во овие сфери кои не биле започнати 17 години, и со пренагласувањето на забелешки околу борбата со корупцијата во која област за 5 години имаме позитивен напредок на светската листа на Транспаренси Интернешнл за борба против корупцијата од 43 места, како и намерното изоставување на придавката македонски, што нема никаква врска со однос кон оваа или било која друга влада во изминатиов период. Напротив се одмага во решавањето на главниот проблем за нашата евроинтеграција за кој сите сме свесни дека е таков, а тоа е проблемот кој Република Грција го има со нашето уставно име Република Македонија и нашиот идентитет, јазик и националност кои се македонски.
Би напоменал, ако три години работиме макотрпно на реформите и ги достигнуваме, а во исто време сме блокирани од еден нерационален виртуелен спор, кој не е базиран на европските вредности и стандарди кои пак и блокирани упорно ги остваруваме, тогаш сигурно е дека сме вложиле, не половина помалку, туку три пати повеќе од обичните потенцијали за да успееме, и да останеме посветени на процесот на евроинтеграции од кој не отстапуваме, и тогаш е сигурно дека не само што не сме работеле со пола срце, туку сме работеле со три срца.
Би сакал во оваа прилика да им се заблагодарам на сите граѓани на Република Македонија за поддршката што ни ја даваат во реализација на реформите и евроинтеграциите. Таа поддршка е наше најголемо признание, наша обврска и најголем мотив, за да продолжиме со сите реформи и модернизацијата на македонското општество и приближување на Република Македонија чекор поблиску до највисоките европски стандарди, принципи и критериуми. Оваа поддршка на граѓаните на нашите залагања, е мотив да ги продолжиме и напорите за надминување на останатите предизвици кои се испречуваат на нашиот европски и евро-атлантски интегративен пат, и кои иако немаат директна основа во европските стандарди и вредности, сепак се реални и значајни и ние ќе се трудиме да ги надминеме.
Исто така, би сакал да изразам благодарност до Собранието на Република Македонија и сите други државни институции, политичките партии, невладиниот сектор и медиумите за нивната поддршка во европеизацијата на Република Македонија.
Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и на Европската Комисија, како и на сите пријатели на Македонија, како пратениците во Европскиот Парламент и другите европски институции, како и од Делегацијата на Европската унија во Скопје.
Почитувани, Република Македонија се движи напред. Успехот е и ќе биде заеднички, и зависи од нашите сопствени потенцијали и залагања.
Благодарам.