Министерот Димовски се сретна со амбасадорот на Словенија Бергант

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска се сретна со амбасадорот на Словенија Алан Брајан Бергант.

Како што соопшти ресорното Министерство, на средбата стана збор за соработката меѓу двете земји во областа на земјоделството со посебен акцент на откупно-дистрибутивните центри.

Министерот Димовски го информира амбасадорот дека заинтересираните фирми за вложување во откупно-дистрибутивни центри имаат можност да добијат и државно земјоделско земјиште, а со цел обезбедување поволни услови за стопансисување подготвени се и голем број даночни олеснувања, како и можност за брзо регистрирање компанија.

Бергант изрази подготвеност за организирање група словенечки бизнисмени да ја посетат Македонија за поблиску да се запознаат со условите и можностите за инвестирање во македонскиот земјоделски сектор за да го пополнат недостигот од свежи земјоделски производи за нивната преработувачка индустрија.

Во текот на разговорот, амбасадорот упати покана до министерот Димовски и македонските компании да го посетат саемот за земјоделски производи во Горна Радгона „Агра 2012“ кој одбележува 50 години постоење.