Социјалниот дијалог - можност за копромис и баланс меѓу економскиот и социјалниот развој

Социјалниот дијалог може да биде двигател на развојот во општеството, да даде значаен придонес во спроведувањето на потребните реформи и да биде движечка сила во одржувањето на баланост на социјалниот и економскиот развој на земјата. Затоа е потребно сите партнери во дијалогот -Владата, синдикатите и работодавачите да ги имаат потребните капацитети и знаења, сметаат учесниците на денешната завршна конференција на проектот „Зајакнување на капацитетите на Организацијата на работодавачи на патот кон ЕУ“, финансиран од ЕУ.

- Социјалниот дијалог претставува неопходна алатка во делот на преговорите во разрешување на спротивставените односи меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Тој не е барање на ЕУ, туку императив кој го наметнува животот за разрешување на социјално економските односи меѓу трите парнери, рече претседателот на ОРМ Димитар Стојановски.

Тој додаде дека тоа е првата алатка која треба да се употреби доколку сакаме да имаме успешен економски раст, социјален мир и правичност во делот на односите меѓу најзасегнатите страни.

Вршителот на должност шеф на мисијата на ЕУ во Македонија Роберт Лидл смета дека функционалниот репрезентативен социјален дијалог ќе придонесе кон владините заложби за борбата против високата стапка на невработеност, во создавање инклузивен пазар на трудот и ќе генерира развој и социјална стабилност.

- Овие прашања не се одговорност само на Владата, има потреба од заедничка работа и воспоставување на партнерство за да се помогне процесот на транзиција и да се бара еден поширок консензус од граѓанското општество за овие фази на спроведување на реформите, рече Лидл.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вели дека во Македонија социјалниот дијалог функционира во рамките на Економско социјалниот совет, како трипартитно консултативно тело кое има значајна улога во процесот на креирање на политиките, легислативата и нивната имплементација. Оваа соработка, рече, останува движечка сила во одржувањето на баланост межу економскиот и социјалниот развој.

- За остварување ефикасен социјален дијалог покрај правната и институционална рамка, потребно е и постоење развиени капацитети и ресурси кај социјалните партнери, постојана и заемна информираност и соработка, континуиран и ефикасен дијалог меѓу партнерите, истакна министерот за труд.

Целта на проектот чии резултати беа промовирани на завршната конференција е унапредување на капацитетите на ОРМ како социјален партнер, особено важен во претпристапниот процес на земјата преку учење од словачкото искуство, подобрување на видливоста и претставата за Организацијата на работодавачи меѓу бизнис секторот и граѓанското општество и поставување механизми за континуирана размена на информации меѓу членовите на Организацијата на работодавачи, социјалните партнери, државната администрација, ЕУ членките и Европската комисија.