Камен-темелник за изградба на училишна спортска сала во Петровец



Во ОУ „Кочо Рацин“ во село Петровец попладнево почна изградба на училишна спортска сала во која по девет месеци ќе спортуваат  800-те ученици и ќе се рекреираат жителите од општината Петровец. Камен-темелникот го постави премиерот Никола Груевски, заедно со министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски.

Премиерот истакна дека салата ќе биде современа и модерно опремена за различни видови спортови, на површина од 1.300 метри квадратни.

- Салата ќе биде изградена според сите европски стандарди. Ќе има најмодерна спортска опрема и оспособена  да се користи за кошарка, за ракомет, за одбојка, гимнастика, пинг-понг и за многу други спортови, а што е најважно - во целост ќе ги задоволи потребите на учениците. Попладне, кога нема ученици, таа ќе може да биде давана на користење на сите заинтересирани граѓани и спортски клубови. Салата ќе биде и дополнителен приход за училиштето во часовите кога ќе се издава на користење, рече Груевски.

Салата е дел од проектот на МОН за изградба на 145 спортски сали. Заедно со 35-те преку Агенцијата за млади и спорт треба да бидат изградени 180 училишни сали. Груевски посочи дека планот пред 5 години да се изградат 35 училишни сали се проширил и ги опфатил сите училишта без сала, а со над 300 ученици. Тоа се должи на големиот интерес на општините и на истражувањето според кое  две третини од завршените основци имале проблеми со ’рбетот зашто немало каде да спортуваат.

- Овде реализиравме голем број проекти, за разлика, за жал, од некои други општини каде што со години ни одбиваат соработка да се изгради нешто за граѓаните, рече премиерот, набројувајќи ги инфраструктурните проекти во општина Петровец, меѓу кои е и изграденото големо фудбалско игралиште.

Во завршна фаза е, како што рече, патот Ражаничино - Свети Николе. Издвоени се 310.000 евра за изградба на нов пат Ражаничино - Таор, изградена е амбуланта во Катланово, доизграден и пуштен во употреба регионалниот водовод кој обезбедува чиста вода за пиење за општините Петровец, Илинден и Гази Баба, завршена е првата фаза од канализациската мрежа во Катланово...
 

- Следуваат и други проекти, како санација на ова училиште зашто е дојдено времето за негова реконструција и санација. Изградба на два тениски терена во дворот на училиштето. Ќе се асфалтира и дел од патот Петровец - Огњанци, ќе се изгради мултифункционално спортско игралиште за мал фудбал, ракомет и кошарка, како и голем број други проекти што ќе ги реализираме во соработка со градоначалникот на Петровец, истакна Груевски.

Министерот Кралев рече дека целта на проектот е спортот и рекреацијата да станат дел од образованието на секој ученик и на секој жител во општините.

 
- Планираме во иднина да продолжиме со динамиката за реализација на овој проект. Веруваме дека со изградбата на сите 145 сали ќе успееме да го доближиме спортот и рекреацијата до сите граѓани во државата, додаде Кралев. Најави дека наскоро ќе биде отворена завршената спортска сала во Трубарево.